Достапни линкови

Нимиц ги почна посетите, меѓународната заедница вклучена во спорот


Архивска фотографија - Координативен состанок на државно-политичкиот врв за предлозите за решавање на проблемот за името со Грција

Посредникот на ОН во спорот за името Метју Нимиц ги почна посетите на двете земји. Во Скопје го дочекува воздржаност и претпазливост на лидерите, во Атина негодувања, пред сè, од Нова демократија.

Посредникот во спорот за разликите за името Метју Нимиц ја почна четиридневната посета на Грција и на Македонија. Првите два дена е во Атина на средби со тамошните политичари, а в среда и четврток ќе биде во Скопје.

Пред тргнувањето кон регионов, во интервју за грчкиот весник „Катимерини“, Нимиц рече дека постои динамика за решение и дека е оптимист оти во соработка со меѓународната заедница, во координација на Обединетите нации, со Вашингтон, Брисел и Берлин, може да се постигне заемно прифатлив договор.

Ненад Марковиќ, професор на Правниот факултет Јустинијан Први спомнувањето на меѓународната заедница го гледа најмногу како најава за политички притисок врз Грција.

Во таа конотација мислам дека го споменува и Берлин, како политички актер кој можеби има најмногу влијание врз Атина. Претпоставувам дека Нимиц е свесен дека во моментов во Грција не се работите на тоа ниво на кое се во Македонија во однос на градење на некаков национален консензус, па дава одредена дискретно маскирана порака која би значела некаков иден политички притисок“, вели Марковиќ.

По викенд средбите на премиерите на двете земји со локалните главни политички актери, во Скопје политичарите останаа воздржани, а во Атина првиот човек на Нова демократија Кирјакос Мицокатис не му даде поддршка на премиерот Алексис Ципрас за решавањето на проблемот со името.

Таму ситуацијата е посложена отколку во Македонија, вели Марковиќ, презицирајќи дека влијанието на Германија врз Грција е најмногу од економски причини, односно менаџирањето на долгот кој го има јужниот сосед. За прашањето за името, според него, во земјава е многу полесно да се дојде до консензус отколку за други прашања.

„Мислам дека сите политички актери, претседателот, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, партиите на Албанците разбраа дека веќе немаме каде да се движиме, немаме политички простор да одиме лево или десно и дека спорот мора да го решиме на еден или друг начин“, вели Марковиќ.

За политичкиот аналитичар Алберт Муслиу, пак, очекувани се некои реакции на политичарите во двете земји. Не може за спор што трае повеќе 20 години да нема обиди да се добијат политички поени, додава тој, но во изјавите на македонските лидери по средбата во саботата препознава политичко разбирање за состојбата.

„Не верувам дека и до крај ќе се трудат да не извлечат некоја политичка корист од ова, но верувам дека ќе бидат многу повнимателни и дека ќе го охрабруваат процесот“, вели Муслиу.

Премиерот Зоран Заев, пак, е убеден дека претседателот на државата и опозицијата, заедно со сите други политички чинители, ќе покажеле, како што рече денеска, мудрост и ќе се нашло решение кое ќе го сочува достоинството на земјата. Тој рече и дека на координативниот состанок на државно-политичкиот врв во саботата била изградена стратегија и дека тој презентирал како во иднина ќе настапиме како држава во преговорите за решавање на спорот за името.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG