Достапни линкови

Нимиц:Од историско значење средбата Заев -Ципрас, договор е можен во соработка со меѓународната заедница


Архивска фотографија-посредникот на ОН во спорот за името Метју Нимиц

Позитивна, важна и од историско значење е средбата на Зоран Заев и Алексис Ципрас според медијаторот Метју Нимиц. Во интервјуто за грчкиот весник „Катимерини“, специјалниот претставник на ОН во разговорите за името, коментира дека постои динамика за решение, вели дека е оптимист дека во соработка со меѓународната заедница, во координација на ОН, со Вашингтон, Брисел и Берлин, може да се постигне заемно прифатлив договор, а според Нимиц, јавува дописникот на МИА од Атина, сега сме пред историска можност што сите треба да ја искористиме.

“Средбата меѓу премиерите Ципрас и Заев во Давос беше позитивна и важна, една средба од вистинско историско значење, ако конечно доведе до решавање на важните разлики меѓу двете соседни земји. Време да се интензивираат разговорите во врска со условите за еден конечен договор, со претпазливост на прашањата што беа истакнати од двајцата премиери. Согласно со нивната намера, доаѓам во Атина и Скопје на разговори, за да се придвижи процесот. Верувам дека сега постои една динамика за изнаоѓање решение”, вели Нимиц.

Во однос на временскиот рок за решавање на проблемот, според „Катимерини“, во ОН се надеваат дека ќе се постигне договор до април, додека пак Нимиц, вели дека веќе се прават конкретни чекори за интензивирање на преговорите за постигнување договор.

“Можеме да преминеме кон брз процес за да постигнеме позитивен резултат за неколку месеци, а можеби и порано”, коментира медијаторот.

Искусниот новинар во неговиот текст во неделното издание на весникот, освен ставовите на медијаторот, открива и детали за евентуалниот договор.

Според „Катимерини“, Нимиц предлага широка употреба на новото име од моментот кога нашата земја ќе се интегрира во Европската унија, но не пред завршувањето на интегративниот процес, а во меѓувреме новото име да се користи во меѓународни организации и форуми.Во однос на трети земји, според „Катимерини“, ѝ се предлага на секоја земја да има право да го употребува името или на македонски јазик, или на англиски или да го преведе на кој јазик сака.

“Ако на пример се одбере „Нова“ или „Горна Македонија“, многу земји ќе го користат англиското име „Republic of New Macedonia“ или Republic of Upper Macedonia“. Други, меѓу кои и Грција, ќе можат да го користат словенското име „Република Нова Македонија“ или „Република Горна Македонија“. Во истата рамка, во однос на промена на Уставот, Нимиц смета дека тоа е во надлежност на политичкото раководство на ПЈРМ и на професорите по уставно право во земјата, како што потенцира извор од ООН, пишува „Катимерини“, пренесува МИА.

Според весникот, медијаторот е свесен дека постојат различни ставови и во двете земји, нешто што треба да се земе предвид и затоа треба да бидеме реалистидека се потребни компромиси.

“Целосно верувам дека сега постои општа желба во двете земји и општо во меѓународната заедница да се решат отворените прашања меѓу двете соседни земји и дека е можно изнаоѓање решенија. Ова е историска можност што сите треба да ја искористиме, вели Нимиц, за „Катимерини“ и додава дека не постои сомнеж дека решавањето на проблемот ќе ја зајакне стабилноста во Европа и ќе биде во корист на граѓаните на двете земји.

Специјалниот амбасадор од ОН, од 29 јануари до 1 февруари ќе биде во регионот, прво ќе ја посета на Атина, а потоа Скопје. Во грчката престолнина, јавува дописникот на МИА од Атина, за сега нема официјални информации со кого ќе оствари средби Метју Нимиц. Веројатно е дека ќе биде примен од министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, а не е исклучена можноста да се сретне и со грчкиот премиер Алексис Ципрас.

XS
SM
MD
LG