Достапни линкови

Владата в понеделник ќе гради став за предлогот за името?


Медијаторот Метју Нимиц и во позадина претставникот на Македонија, Васко Наумовски

Медијаторот на ОН во спорот за името, Метју Нимиц, излезе со нов предлог за решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција. Од Владата велат дека исходот ќе зависи од подготвеноста на двете страни за компромис. Според експертите, време е преговорите да влезат во наредна фаза, а изјавата на македонскиот претставник Васко Наумовски сметаат за неумесна.

По новиот предлог од медијаторот на ОН во спорот за името Метју Нимиц и поставената рамка, владите на Македонија и на Грција се на потег, според упатените, да преземат поконкретни чекори за решавање на прашањето.

Од македонската Влада синоќа соопштија дека во ОН се создаваат услови за придвижување на процесот напред, а исходот ќе зависи од подготвеноста за компромис на двете страни. Според Владата, по внимателна анализа на рамката на Нимиц, согласно значењето на прашањето за државните интереси, ќе продолжи процесот за градење на што е можно поширок и поинклузивен став од страна на Македонија. До кога ќе се разгледува новиот предлог од Владата не прецизираат, но Нимиц најави дека во наредните неколку недели планира да ги посети Скопје и Атина. Од МНР велат дека ќе излезат со соопштение, но не прецизираат кога.

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи изјави денеска дека не може да го коментира предлогот на Нимиц додека тој не биде разгледан.

„Не можам да коментирам за последниот предлог, бидејќи треба да стигне во Скопје. Мислам дека в понеделник ќе имаме заедничка средба за да го разгледаме и да изградиме став. Знам колку сме посветени и одлучни да одиме до крај во решавање на ова прашање, знаејќи го контекстот и историскиот моментум пред кој се наоѓаме како држава. Добро е што има предлог и се интензивира целиот процес и што има меѓусебни директни контакти помеѓу владите на различни нивоа. Тоа е единствен предуслов да стигнеме до ситуација да изнајдеме решение“, рече Османи по средбата во СЕП со косовската министерка Дурата Хоџа.

Професорот Беким Кадриу од Правниот факултет на Универзитетот во Тетово смета дека изјавите на двете влади дека постои позитивна клима и подобра волја за решавање на спорот повеќе не се доволни.

„Сите сме свесни дека сега има попозитивна атмосфера, меѓутоа сега треба да се влезе во фаза кога треба да се види колку двете држави се спремни да прават взаемни отстапки за да се реши спорот. Значи добра волја постои, меѓутоа мислам дека тоа не е доволно. Сега кога имаме една конкретна рамка поставена од медијаторот Нимиц, мислам дека тоа ќе придонесе кај двете влади да видат што прифаќаат од таа рамка како можно решение, а што не е прифатливо. Во правец да се утврди дали взаемните отстапки кои треба да ги прават двете држави може да доведат до решавање на спорот“, вели Кадриу.

Според него, Македонија е таа која има интерес да се реши спорот, а Грција може да го одолговлекува, но отстапките не треба да ги преминуваат црвените линии. Тој посочува и дека изјавата на преговарачот на Македонија, Васко Наумовски по средбата со Нимиц во Њујорк била неумесна.

Не е до Наумовски да тврди дали предлогот е добар или не и дали е достоинствен или не. Тоа може да го каже приватно, а не јавно и особено во фаза пред Владата да го разгледа. Мислам дека беше пребрза изјавата на нашиот претставник“, додава Кадриу.

Извори од Владата кратко коментираат дека се работи за личен став на Наумовски, кој изјави дека предлозите на Нимиц се далеку од достоинствено решение.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG