Достапни линкови

Во Грција консултации, во Македонија претпазлив оптимизам


Архивска фотографија-посредникот во спорот за името Метју Нимиц и преговарачите од Македонија и од Грција

Во Македонија за в понеделник се најавени консултации за последниот сет идеи за името на посредникот Метју Нимиц, а во Грција веќе почнаа средбите и разговорите. Аналитичарите се умерени оптимисти за решавањето на спорот во скоро време.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг вчера уште еднаш потврди дека нема план Б за влезот на Македонија во алијансата, освен решение за името. Оваа негова порака во Скопје стигна и неполни 24 часа по средбата на преговарачите на Македонија и на Грција со посредникот во спорот Метју Нимиц во Њујорк.

Официјално во Македонија нема посебен коментар за тоа што има во предлозите и сетот на идеи што ги доставил посредникот. Најавено е дека в понеделник ќе се разгледува рамката што била презентирана. Единствено засега останува ставот на македонскиот преговарач Васко Наумовски кој рече дека предлозите изнесени од медијаторот се далеку од достоинствено решение, но од Владата оценија дека тоа е негов личен став.

Поранешен дипломат упатен во спорот за името, кој не сака да коментира до протестот во Солун најавен за в недела, по кој, како што вели, ќе се види подготвеноста на Грција за отстапки, не е голем оптимист дека е можно во скоро време да се реши спорот.

Тој смета дека официјална Атина ќе продолжи да инсистира да се разговара за идентитетските прашања, како јазикот и нацијата, а не само за името со што ситуацијата ќе се компликува.

За разлика од него, поранешниот амбасадор Благој Зашов вели дека очекува спорот да се реши, но нагласува дека и тој е претпазлив оптимист.

„Спор кој трае 25 години не се решава така лесно и треба многу трпение и поддршка на владата во консултациите што ги прави со одредени кругови во самата земја како што прават и Грците консултации во својата земја“, вели Зашов.

Повикувајќи се на изјавата на министерот за надворешни работи Никола Димитров, Зашов нагласува дека последниот сет идеи се примери за некаков тип географски одредници.

Грчкиот весник „Етнос“, пак, објави дека Нимиц ги дал предлозите „Нова Македонија“, „Горна Македонија“ и „Северна Македонија“, но во земјава засега не се коментираат во очекување на официјални информации.

Во Атина, веќе почнаа консултациите по последната средба со Нимиц. Министерот за надворешни работи на Грција Никос Коѕијас го информирал грчкиот премиер Алексис Ципрас за текот на разговорите што се одржаа во Њујорк и за презентираните предлози, јавуваат грчките медиуми. Веднаш по средбата со министерот за надворешни работи на Грција, Ципрас, од премиерската палата се упатил кон Атинската архиепископија на работна вечера со архиепископот Јеронимос на која го уверил дека ќе продолжи да го информира за текот на преговорите и побарал од него да придонесе за да се обезбеди клима на национално единство и одговорнoст. Архиепископот потенцирал декa во овој момент не се потребни протести, туку национален консензус и единство.

Во Грција реагираше и опозицијата. Нова демократија преку соопштение, ја обвини Владата за неодговорност и за водење тајни преговори, а ја напаѓаат дека наместо да ги извести Парламентот и опозицијата, одбрала прво да ја извести црквата.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG