Достапни линкови

„Моцартовите перипетии“ на обоистката Ромиќ и Македонска филхармонија


Обоистката Сања Ромиќ.

„Моцартовите перипетии“ е насловен симфонискиот концерт што овој четврток, на 25 јануари во 20 часот, ќе го одржи Македонската филхармонија. Со оркестарот ќе диригира маестро Михал Нестерович од Полска, а солист во изведбата на Концертот за обоа и оркестар во C-dur ќе биде атрактивната српска уметница и прва обоа во Белградската филхармонија – Сања Ромиќ.

„Таа поседува музичка длабочина и има прекрасен тон кој го надминува целиот оркестар, а наедно ги инспирира своите колеги“. Ова во една пригода ќе го изјави легендарниот израелски и светски диригент - маестро Зубин Мехта за првата обоистка на Белградската филхармонија - Сања Ромиќ. И, со тоа безмалку сè е кажано. Ромиќ се смета за една од најактивните, но и најталентираните обоистки од помладата генерација на и не само на Балканот туку и пошироко. Момо Капор, пак, прочуениот српски писател, од своја страна ќе рече дека „Сања сака сè или ништо“.

А, токму таа Сања Ромиќ - Дражиќ, во случајов како прва обоистка на Белградската филхармонија, в четврток, на 25 јануари во 20 часот, ќе музицира со Македонската филхармонија. Таа ќе биде солистка во изведбата на Концертот за обоа и оркестар во C-dur на вечерта насловена како „Моцартови перипетии“, на која ќе бидат изведени уште две дела од музичкиот гениј Волфганг Амадеус Моцарт - увертирата од операта „Дон Џовани“, како и Симфонијата бр. 38 во D-dur, наречена „Прашка“. Со оркестарот ќе диригира маестро Михал Нестерович од Полска.

Но, да се вратиме на фактографијата. Сања Ромиќ е уметница и обоистка која живее и работи на релација Словенија – Србија, поседувајќи го државјанството на обете земји. Родена во Нови Сад, музичкото образование го почнала во родниот град кај професорот Живојин Егиќ кој и дал силна подршка да ја продолжи натамошната едукација. Потоа студирала на академијата „Франц Лист“ во Будимпешта, а се усовршувала на „Моцартеум“ во Салцбург.

Од 2005 до 2009 година Ромиќ - Дражиќ дејствувала како соло-обоистка во Операта и балетот во Љубљана, а патем соработувала и со Оркестарот на Радио Телевизија Словенија, со Словенечката филхармонија, со оркестарот на Војската на Словенија, со оркестарот „Фестине“ и Друштвото на словенечки композитори.

Паралелно соработувала и со меѓународни оркестри како што се „Ердоди“ и „Матав“ од Унгарија, Салцбуршката камерна филхармонија, Младинската филхармонија од Салцбург, оркестарот „Бад Рајхенхал“ од Германија, со прочуените Загрепски солисти, со оркестарот на Академијата „Арс музикае“ од Клагенфурт...

Таа се јавува и како предавач на мастер-класите на Кралската академија во Даблин и на Академијата за уметности во Нови Сад, а се занимава и со педагошка дејност. Тука се и соработките со пијанистот Даниел Детони од Хрватска, со харфистката Паола Барон од Италија и со пијанистката Финула Мојнихан од Ирска, со која на почетокот од оваа деценија ќе го снимат заедничкиот албум „Melodies of Nations“, објавен оригинално на британската етикета Hedone Records и потоа публикуван од Метрополис мјузик – Србија.

Згора на тоа Сања Ромиќ - Дражиќ во своето портфолио има и бројни снимки за Радио Нови Сад, досега била ангажирана и во разновидни перформанси, меѓу кои и за театарска музика, а во 2014 година била член на интернационалниот NO BORDERS ORCHESTRA, кој под раководство на Премил Петровиќ, наредното лето за прочуената Deutsche Grammophon ќе го обелодени албумот „The Opening“ на кој ќе се најдат нивните изведби на дела на Сергеј Прокофјев, Рихард Вагнер, Исидора Зебељан и Золтан Кодали.

Конечно од пред седум години Сања ја завзема позицијата на прва обоистка на Белградската филхармонија, а за себе вели дека е „постојано во движење, малку нестабилна, весела, емотивна, дека им се радува на луѓето, на пријателите и на насмевките“.

Ги сакам патувањата, промените и движењата кои ме прават жива и весела. И сето тоа низ музиката која ме исполнува, која ја живеам и ја дишам...токму во прегратките на Белградската филхармонија!“, ќе рече обоистката.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG