Достапни линкови

Исцелителните слики на Тони Попов изложени во Јавна соба


Тони Попов во своето атеље

„Само сенка на она што доаѓа“ е насловена втората самостојна изложба на Тони Попов, што од 17 јануари до 16 февруари, се одржува во Јавна соба. Станува збор за серијал на слики од „Апстрактна поезија“, која како што ќе биде забележано е „чекор надвор од комфорната зона, крик на лузните кои копнеат за исцеление, обид на смртното да ѕирне во вечноста“.

„Лесно е да му се даде боја на стихот. Потешко е да се биде соголен пред другите. Сепак, јас верувам дека токму во тоа е повикот на секој кој создава: да стои на работ и да биде ранлив“.

Ова ќе го забележи Тони Попов во каталогот за својата втора самостојна изложба „Само сенка на она што доаѓа“, што од 17 јануари до 16 февруари, се одржува во Јавна соба. Станува збор за серијал на слики од „Апстрактна поезија“, која како што ќе биде забележано е „чекор надвор од комфорната зона, крик на лузните кои копнеат за исцеление, обид на смртното да ѕирне во вечноста“.

Од таму не чуди кога Тони вели дека кога „пишувал поезија, во поезијата правел приказна или слика“. Дека со сликањето е слично – со него се обидува да претстави приказна или некаква поезија.

Она што јас сакам да го покажам на некој начин е да се соголам. Да го извадам од внатре она што го имам, со сите мои стравови, со сите мои желби, со сите мои несовршености. Мислам дека тоа е најстрашното нешто. Не мислам дека сум го достигнал тоа, или дека ја имам таа храброст да одам до крај, но одам натаму. Затоа и насловот на оваа изложба е „Само сенка на она што доаѓа“.

Попов дополнува дека неговото нурнување во уметностите е резултат на личната потреба да извади нешто од себе. Да се справи со тешкотиите во животот. Да ја победи повеќегодишната депресија. Да исплива од морето хронична тага.

Тоа што можам да бојам и што можам да ставам приказна на платно и таа приказна на некој начин да излезе на отворено мене ми значи. Уште повеќе ми значи тоа што кога некој ќе ја види таа приказна ќе се препознае. Тоа помага во секој случај. Барем мене ми помогнало“, вели тој.

Тој вели дека овие интереси од секогаш ги имал во себе. Дека читал доста и дека „она со што се храниш мора да излезе на виделина“. Поезија пишувал од поодамна, потем почнал и со цртање, со некоја комбинација на стих и цртеж. Цртал илустрации за хаику поезија – хаига. Така некако стигнал до боите и тие „го купиле“ за подолго. Почувствувал дека има многу поголема моќ за изразување.

Инаку, интересно е и тоа што на отворањето на изложбата ( 17 јануари – Денот на уметноста) во Јавна соба беа изведени дела од композиторот и виолист Марко Виденовиќ (Македонска филхармонија, МЈУЗИК ПРОГРЕСИВ КВАРТЕТ...), кој бил инспириран да напише музика за делата на Попов насловени како: „Ноември“, „Се уште паметам“ и „Помина нашето лето“.

Многу ми помогна тоа што уметникот за две од овие три композиции имаше напишано и своја поезија, така да навистина се внесов во целата работа и дека направив нешто што е од душа и од срце за душа и за срце. За човек каков што е Тони Попов и како што само тој заслужува“, вели Виденовиќ.

Тони Попов е самоук сликар кој со сликарство се занимава од 2011 година. Неговиот талент, вештина и контемплативна креативност се забележани од љубителите на сликарството, но и од уметничките критичари уште во неговите први дела.

Првпат самостојно се претставил на изложбата „Дојди поблизу“ одржана во Завод и Музеј во Охрид во 2015 година, а претходно се претставувал и на групните постановки ИФЕС, Екс ен Прованс, Франција, во 2013 година, „Паратисима“, Саем на уметност, Торино, Италија, „Звукот на уметноста“, во Охрид ( обете во 2015) и минатогодишната „Несовршен простор“, одржана во Националниот музеј во Струмица.

Освен тоа неговите слики досега се продадени во единаесет земји, а покрај сликањето, Попов одржува и теоретски и практични работилници за млади сликари во Осло, Норвешка.

И, тука не завршува неговиот интерес за уметностите. Тој е автор и на две збирки поезија „Моето парче небо”, (2008, издание на Имаго Деи) и „Светот е жеден за збор”, (2015, Икона), неколкупати има учествувано на „Ноќ без интерпункција“, манифестацијата што се одвива во рамките на фестивалот Струшки вечери на поезијата, објавувал песни во „Разгледи“ и „Млада македонска поезија“, а неговите хаику изблици може да се најдат во списанието „Мравка“.

Згора на тоа бил гостин-уметник на ГлоАрт во Неехарен, Белгија и во Толне ГГГ, Синдал, Данска, а автор е и на краткиот документарен филм „The orphan painter“, снимен пред четири години во продукција на организацијата „Моменти“ од Шарлот, САД.

Кон ова само уште информацијата дека Тони Попов би сакал и ќе работи на тоа „Само сенка на она што доаѓа“ да ја види и публиката во Охрид, градот во кој што подолго живее и им се радува на сопругата и трите палави дечиња, а во периодов што следува ќе си остави простор да поработи и на својот нов уметнички проект.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG