Достапни линкови

„Убиствена“ офанзива на Македонската филхармонија


Даниел Харитонов

Македонската филхармонија новата сезона ќе ја започне на 18 јануари со концертот „Лауреати“, на кој како солист ќе настапи Даниел Харитонов - руското „чудо од дете“ и младиот виртуоз на пијано. Но, неговиот перформанс е само камче во мозаикот со кој оваа наша институција и натаму ќе ја разгалува публиката и ќе ја подгрева атмосферата „за карта повеќе“.

Во времево на изместени вредности може само да радува сознанието дека некои проблесоци се онаа мала трепетлива искра која силно блешти на крајот од тунелот. Вака некако, по малку метафорично, може да биде опишан реалниот интерес што подолго време владее за концертите на Македонската филхармонија. И, тоа не само за оние „популистичките“ (што воопшто тоа и да значи), туку и за оние наменети на „вистинските сладокусци“ (и повторно – што воопшто тоа и да значи во дадениве околности). Рака на срце, таквото спознание кое несомнено го покренува и прашањето што е и што не е „популарно“ на домашнава музичка сцена (дали концертите на „институционалците“ или оние кои и натаму лапаат илјадници евра од народните пари и се китат со перјата „докажани поп вредности“, а не можат честито да пополнат еден мал клуб, а камоли да заинтересираат некого со својата „наменска музика“ која никој не сака да ја заврти во етерот), колку и да е горко, може само да ја ублажува болката. Да ја крепи мислата дека не е се отидено по ѓаволите, туку дека има умни кои современо размислуваат и знаат како да се држи чекор со времето. Со светот. Да не се „продадат“ ефтино.

А, првичната информација за вториот дел од сезоната 2017/2018 на Македонска филхармонија го вели следново.

На 18 јануари, во 20 часот, во рамките на серијата „Лауреати“, скопската (читај македонската) публика ќе има можност да го чуе и види Даниел Харитонов, руското „чудо од дете“ и младиот виртуоз на пијано.

Роден во рускиот град Јужно-Сахалинск, пијанистот Даниел Харитонов ќе се прослави како еден од најголемите таленти на 15. Меѓународен натпревар „Чајковски“ во 2015 година, на возраст од само 16 години. Тогаш, како најмлад учесник, неговата триумфална изведба ќе му ја донесе третата награда. Но, публиката ќе биде воодушевена од неговиот настап и тој ќе го понесе епитетот „чудо од дете“, а ќе биде бележан и како „виртуоз со извонредна техника и искрена интерпретација“. Ќе го именуваат и како „откритие на 15. натпревар „Чајковски“ и од тогаш неговата кариера рапидно ќе напредува, настапувајќи со престижни светски оркестри и врвни диригенти.

Харитонов ќе биде солист во изведбата на на популарниот и раскошен Концерт за пијано и оркестар бр. 1 од Франц Лист, а Македонската филхармонија под диригентство на маестро Даниел Рајскин од Русија, ќе ги изведе и атрактивната увертира „Карневал“ од Антонин Дворжак, како и славната Симфонија бр. 2 од Јан Сибелиус.

И, по едно вакво грандиозно отворање, не помалку внимание заслужуваат и другите симфониски концерти планирани за оваа сезона. Така на на 25 јануари ќе се одржи концертот под наслов „Моцартовите перипетии“ со маестро Михал Нестерович од Полска зад диригентскиот пулт, додека нецела недела потоа публиката ќе може да го проследи и „Апотеоза“, на кој под диригентство на маестро Борјан Цанев, како солист ќе се претстави врвниот виолинист Роман Симовиќ од Црна Гора, кој кариерата ја гради во Велика Британија и ширум светот.

​А дури од сега, несомнено, карта повеќе ќе се бара за „традиционалниот“ концерт со кој Македонска филхармонија ги тера да се допрат („испреплетат“) Денот на лозарите и Денот на вљубените. Овојпат, на 14 февруари, е планирано да се одржи несекојдневен музички настан насловен по албумот и една од „класичните“ песни на Ник Кејв - „Убиствени балади“ ( или ако милувате „Murder Ballads“). На овој перформанс во фокусот ќе бидат и хитовите на големите Џони Кеш, Леонард Коен, Ненси Синатра, Бјорк, Том Јорк и неговите РЕЈДИОХЕД, ПОРТИСХЕД, а пред Македонската филхармонија како диригент ќе се исправи нашиот Џијан Емин, кој е еден од главните „виновници“ за ваквите нови (и не само од „вчера“) ветришта во Институцијата и воопшто во домашната современа музичка мисла.

Грижата за домашното творештво и исполнителство, пак, на сцена ги носи концертите „Вокална магија“ (22 февруари), на кој под диригентство на маестро Емил Табаков од Бугарија, како солист ќе се претстави македонскиот баритон Милан Силјанов кој живее и твори во Швајцарија, и „Женски приказни“ ( 8 март) на кој со Ансамблот ќе раководи маестра Елена Митревска.

Во контекст на ваквата заложба се и „Мејд ин Маседонија“ (15 март) на кој солист ќе биде Здравко Ангелов, прв кларинетист во Македонската филхармонија, додека во рамките на фестивалот „Денови на македонска музика“, на 22 март ќе настапи виолинистот Александар Иванов.

Виолинистот Ѓорѓи Димчевски кој стамено чекори на интернационалната сцена, пак, ќе го чуеме на концертот „Шпанија во срцето“ (4 април), заедно со маестро Рикардо Касеро од Шпанија, додека дуото виолини Ана и Олег Кондратенко на 26 април ќе понудат виртуозности и врутоци емоции на својата изведба на перформансот „Годишни времиња - Пјацола/Вивалди“.

Згора на ова тука е и одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето на големиот американски композитор Леонард Бернштајн „Бернштајн 100“ - 29 март), на кое под диригентство на маестро Тимоти Редмонд од Велика Британија, како солист ќе се појави истакнатиот германски виолончелист Николас Алтштед.

Нешто пред тоа, на 19 април, ќе се одржи концертот „Атрактивната Лисица“ на кој ќе настапи популарната пијанистка Валентина Лисица од Украина, таа вечер е планирано со Оркестарот да диригира маестро Габриел Бебешелеа од Романија, а на 4 мај ќе биде изведен грандиозниот „Реквием“ од Моцарт со одомаќениот Емил Табаков зад пултот.

Кон овој низ само уште и информацијата дека во месец мај ќе бидат одржани уште два програма - „Север и југ“ со истакнатиот руски пијанист Евгениј Судбин и „Нинг Фенг се враќа“ со фантастичниот солист на виолина Нинг Фенг од Кина.

И, тука не е крајот бидејќи Македонската филхармонија ќе ја продолжи реализација и на симфониските концерти за најмладите (за кои е вистинска умешност навреме да се обезбеди билет), како и со камерните концерти кои ќе се одржуваат во камерната сала од сега вистинскиот пулсирачки дом на Оркестарот.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG