Достапни линкови

Новинарите ги тепаат, никој не одговара


Сцена од насилствата во Собранието на 27 април 2017

Претходната година имало 18 нови напади врз новинари, но ниеден насилник не е казнет, велат во ЗНМ. Нападите се заради замолчување на новинарите.

Новинарите јадат ќотек, никому не му е гајле за тоа. Новинарите во 2017 беа тепани, киднапирани, добиваа смртни закани, се прогласуваа за предавници, имаше повици за јавен линч и беа навредувани, а институциите не успеаја да казнат ниту еден од насилниците, вели претседателот на ЗНМ, Насер Селмани на претставувањето на годишниот извештај за слободата на медиумите и безбедноста на новинарите. Тој рече дека изминатата година имало 18 напади врз новинари, од кои 13 физички и вербални, а останатите се навреди, попречување во работа и уништување на нивната опрема. Новинарите се напаѓани затоа што насилниците и нивните ментори сакаат да ги замолчат, вели Селмани.

please wait

No media source currently available

0:00 0:03:09 0:00
Директен линк

Тој посочува дека најбрутален физички напад врз новинарите беше извршен за време на насилствата во Собранието на 27 април.

„Овие насилници физички ги нападнаа новинарите и снимателите и ги спречија да известуваат од Собранието. Притоа им ги одземаа и им ги оштетија камерите и мобилните телефони. Освен тоа, некои од нив, под закана и со оружје, беа со часови држени како заложници, а притоа полицијата не им пружи никаква заштита“, вели Селмани.

Тој посочува дека Јавното обвинителство има оформено предмет за овој случај, сторителите се идентификувани, но за жал не се изведени пред лицето на правдата. За разлика од претходните години, полицијата сега ги наоѓа напаѓачите и поднесува пријави, но предметите заглавуваат во обвинителство и ниеден насилник не е изведен пред лицето на правдата.

Во Јавното обвинителство, пак, велат дека активно работат на сите предмети во кои постојат индиции дека е извршен напад врз новинар и оти на ЗНМ му доставиле детален преглед на сите вакви случаи со информација за тоа до каде е постапката во секој случај поединечно.

„Од евиденцијата јасно се гледа дека ниту еден предмет не е „заглавен“ во Јавното обвинителство на Република Македонија, туку дека се постапува во сите случаи за кои е добиена пријава и во кои има индиции за сторено кривично дело“, велат во Јавното обвинителство.

Како извор на насилствата во 2017, Селмани посочува дека во 95 отсто од нападите се извршени или мотивирани од претходната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Загрижува што и по промената на власта обвинителство не покажува поголем интерес за процесуирање на овие напади, вели тој.

За насилствата врз пратениците на 27 април веќе има осудени, обвинети и притворени, но не и за нападите врз новинарите кои беа во Собранието.

„Двојниот аршин е вистинската слика за грижата на новата власт за слободата на говорот и слободата на медиумите. Ако сакаат навистина да пратат јасна порака до македонската јавност дека им е важна слободата на говорот и слободата на медиумите, прво што треба да направат е да почнат да ги казнуваат насилниците коишто напаѓаат новинари. Без тоа ние сè уште не можеме да тврдиме дека новата влада сериозно е заинтересирана за подобрување на состојбата со слободата на говорот во Македонија“, вели Селмани.

Над 20 новинари биле цел на насилствата на 27 април, а шестмина го пријавиле тоа во ЗНМ. Нападната беше и нашата новинарка Зорана Гаџовска Спасовска, која беше удрена и ѝ беше уништена камерата. Претседателот на Радио Слободна Европа, Томас Кент уште тогаш ги повика македонските власти да спроведат темелна истрага за случувањата за да се осигура дека насилството врз новинарите нема да помине неказнето и дека сите новинари ќе можат безбедно да ја вршат својата работа.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG