Достапни линкови

Напаѓачите на новинарите не се казнуваат


Архивска фотографија - Полицијата спречува новинарски протест во Скопје.

Втори ноември е Меѓународниот ден за прекинување на неказнивоста на злосторствата против новинарите. Во Македонија во последните пет години имало 54 напади врз новинари, но никој од сторителите не е казнет.

Десетици напади врз новинари во Македонија беа регистрирани во изминатите неколку години, но ниту еден од сторителите не е казнет.

Според податоците кои Здружението на новинари на Македонија ги добило од власта, од 54 напади на новинари во изминатите пет години, само за 10 случаи се поднесени пет кривични и пет прекршочни пријави. Но, како што посочува претседателот на ЗНМ, Насер Селмани немаат информации за судбината на тие процеси, бидејќи обвинителството и судството не споделуваат во која фаза се предметите.

„Останатите предмети или воопшто не се истражени или напаѓачите поминале само со писмено или со усмено предупредување. Во наредниот период ќе работиме со новата влада да се изработи институционален механизам за превенција и казнување на насилство врз новинари. Во тој механизам мора да учествуваат полицијата, обвинителството и судството“, вели Селмани.

Во 2017 година 34 пати новинари на Радио Слободна Европа, биле таргетирани во земји каде медиумот има своја програма, како Русија, Украина, Авганистан, Пакистан, Азербејџан, вклучително и Македонија. По повод 2 ноември Меѓународниот ден за прекинување на неказнивоста на злосторствата против новинарите претседателот на Радио Слободна Европа, Томас Кент, посочи дека нападите се случиле поради тоа што новинарите си ја вршеле својата работа, а понекогаш цел биле и нивните семејства.

„Извршителите на овие напади речиси никогаш не понеле одговорност. Во најголем број случаи, државните службеници поминаа неказнето, како и останатите актери. Нашите новинари се оние кои беа третирани како криминалци. Ние повикуваме на почитување на меѓународните стандарди и обврски, така што новинарите насекаде ќе можат да бидат безбедни додека ја извршуваат својата работа со целосна заштита од законот ... додека носат вести и информации на луѓето кои им се најпотребни“, вели Кент.

Селмани посочува дека новата власт во Македонија покажала политичка волја да се спречи оваа појава, но се далеку од решавање на проблемот.

„Најдобра превенција да се спречат овие напади е во иднина да се расветлат сите досегашни случаи, а насилниците да се изведат пред лицето на правдата. Со тоа системот ќе прати јасна порака дека насилството против новинарите е неприфатливо и дека остро ќе биде санкционирано“, вели Селмани.

Селмани додава дека тие што напаѓаат новинари сакаат кај нив да предизвикаат страв и да ги замолчат со цел граѓаните да не бидат информирани и да можат со нив лесно да манипулираат.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG