Достапни линкови

Тепањето новинари е напад врз демократијата


Претседателот на ЗНМ, Насер Селани, насилно исфрлен од Собраниската галерија за време на седницата за носење на буџетот за 2013 на 24 декември 2012 година.

Новинарите пред неколку години беа насилно исфрлени од Собранието, токму од собраниското обезбедување, а при насилниот упад во Собранието пред две недели беа напаѓани од демонстраните.

Насилство, вознемирување, заплашување врз новинарите за време на протести, митинзи и предизборни кампањи е сценарио на кое за жал се навикнуваме. ЕУ и САД постојано ги повикуваат властите да ги истражат случаите и да ги изнесат прекршителите пред очите на правдата, но кај нас овие настани се одмолчуваат или брзо се забораваат.

Доказ колку државата се грижи за заштита на новинарите, според Билјана Петковска од МИМ, е неодамнешната пресуда на судот во Стразбур, кој во пресудата Селмани и други против Република Македонија јасно пресуди во корист на тужителите и потврди дека државата не успеала да го гарантира правото на слобода на изразување и фер судење на новинарите кои на 24 декември беа брутално избркани од Собранието.

Таа вели дека слична епизода се случи и на 27 април за време на крвавите настани во Собранието кога новинарите беа нападнати додека ја извршуваа својата задача и тоа во институција каде тие треба да уживаат максимална слобода во својата работа.

Петковска оценува дека се работи за системска негрижа на институциите за тоа дали новинарите имаат услови за работа, но нагласува дека во Македонија во изминатиот период карактеристично е тоа што одредени надлежни институции и самите беа вклучени во сценирање на такви проблеми.

„Она што Македонија ја издвојува како специфичен пример е што дел од институциите систематски самите директно или индиректно многу често придонесуваат за оневозможување на нормалана работа на новинарите и известување од одредени институции и одредени настани и самите всушност продуцираа проблеми или директно беа вклучени во инсценирање на таквите проблеми“, изјави Петковска, која е гостин во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Марина Тунева од Советот за етика во медиумите потенцира дека случувањата во Собранието на 27 април претставуваат суров доказ за алармантните услови со кои се соочија новинарите и оти насилството врз нив претставува атак врз демократијата.

„Она што беше забележливо и претходно и за време на тие случувања, но и потоа, е дека имаше случаи на сериозно злоупотребување на медиумите во контекст на политичката ситуација за ширење на шпекулации, пропагандизам и невистини кои на некој начин придонесоа во добар дел за засилување на тензиите и немирите кои следуваа во општеството“, ијзави Тунева.

Инаку, здруженијата на медиумите овие денови се загрижени и од згаснувањата на медиуми од најголемата издавачка куќа МПМ. Петковска вели дека се работи за специфичен случај во кој постојат сомнежи за намерно затворање на медиумите и сомнежи за политичка поврзаност и злоупотреба на овие медиуми со досегашната власт. Потсетувајќи дека МПМ беа предмет на интерес на Специјалното јавно обвинителство, таа побара институциите да се заложат „да се расчисти маглата околу овој случај“ во интерес на граѓаните и на демократијата во Македонија.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG