Достапни линкови

Радост за ракометарите и „отровни“ коментари за политиката


Ракометарот Филип Миркуловски.

Фановите на РСЕ со радост коментираат за победата на ракометарите на стартот на ЕП, а за политичките теми се поостри. Коментираат и за темите за „името“, бојкотот на опозицијата, за притворените пратеници.

„Со гордост Македонија“ – Мирче Дишоски; „Браво, само напред!“ – Томе Стојков; „Браво Македонци! Само во победи!“ – Дејан Пашкоски. И сè вака во овој стил фановите на РСЕ ја излеале својата радост за победата на нашите ракометари на првиот натпревар против играчите на Словенија на Европското првенство во ракомет.

Но, на Балканов не се може без политика, нели така? Па и на нашата ФБ страница постови бојосани со тој отров од кој никако не можеме да се ослободиме. Мики Јованов и тука го гледа СДС, како што напишал, веројатно алудирајќи на решеноста Владата да го реши деценискиот проблем со името: „Победа за Македонија, браво, СДС пак изгуби“. А Даниел Јошески е уште поостар, ама против РСЕ: „Вие бе фекалио од медиум, вие со кое право бе одродени навивате за Македонија“, постирал веројатно забележувајќи му нашево Радио што објавува информација за натпреварот Македонија – Словенија. Како и Мики Милески кому во умот му се навестувањата за компромис за името, па нагаѓа: „Можеби ова е последното големо натпреварување за Македонија. Наредното којзнае како ќе се вика оваа држава, можеби Голема Албанија...“.

Изјавата на шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, дека Владата има намера да ја вклучи опозицијата во процесот за името, Динка Јованова ја коментира вака: „СДС сама си го натовари товарот за да дојде на власт со илјада лаги, па нека си го носи сама“, но за Маја Мишковска Матевска сè што направила владејачката коалиција од изборите наваму е легитимно, законски, уставно и демократско. „Дали народот македонски знае дека сè се случува под мониторинг од надвор и преку амбасадите во земјава? Сите ја следат политичката ситуација и дадоа зелено светло, сите го осудија претходното, а приврзаниците на ВМРО не признаваат пораз“.

ВМРО-ДПМНЕ ја оцени одлуката на Апелацискиот суд за продолжување на притворот на некои од учесниците во настаните во Собранието на 27 април како „скандалозна“, а Ана Веко постирала: „Па нели судските одлуки не се коментираат? Така нè учат цело време...“ и на постот ставила Смешко што намигнува и се смее. Марика Мишкова смета дека „во ниедна држава опозициски пратеници не се осудуваат и затвораат, постои имунитет...“, но Виктор Стојановски ѝ реплицира: „Да! Имунитет за ОБИД ЗА УБИСТВО ПРЕД МЕДИУМИ?! Ајде... Ќе упаднат кај вас дома 10 бандити, ќе ве пребијат до смрт, и нив после ќе ги ослободи Законот само затоа што имаат имунитет!!! Маја Мишковска и тука коментирала. Им препорачува на ВМРО-ДПМНЕ да ги прифатат грешките и „достоинствено застанете“, вели, „со сиот товар и ако верувате во Бог и му се покаете и молите ќе ви ги слушне и исполни молитвите!“

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG