Достапни линкови

Сомнежи за зголемување на канцерогени заболувања во околината на Дрисла?


Вонреден надзор од страна Државниот инспекторат за животна средина во Депонијата Дрисла.
Вонреден надзор од страна Државниот инспекторат за животна средина во Депонијата Дрисла.

Дел од екологистите имаат дојави за зголемување на канцерогени заболувања во околината на Дрисла, но од јавното здравство рекоа дека немаат информации и оти само испитувања по акредитирани методи може да дадат релевантни резултати. Дрисла не е доминантен загадувач на Скопје, сметаат лекарите.

Собраните податоците на некои еколошки здруженија говорат за загрозеност на жителите од загадувањето кое од воздухот и земјиштето се емитува од депонијата Дрисла и за можни појави на тешки заболувања, но од јавното здравство потенцираат дека тие немаат податоци за влијанието на Дрисла врз здравјето на луѓето кои живеат во нејзина близина и не сметаат дека оваа депонија е доминантен загадувач во Скопје, туку само еден од повеќето фактори за загадениот воздух.

Потребни се релевантни испитувања по акредитирани методи кои ќе ја земат предвид и оддалеченоста на депонијата од луѓето кои живеат во околината и други параметри, порачуваат здравствените власти, коментирајќи ги укажувањата на екологистите, иако потврдуваат дека депониите носат потенцијален ризик за здравјето.

Александра Бујароска од еколошката организација Фронт 21/41 вели дека од 2013 година кога е издадена дозвола за усогласување со оперативен план на Дрисла депонијата не исполнила ниту една од мерките за намалување на загадувањето.

Таа вели дека прашање е каде биле институциите од 2013 до денес.

Во однос на активностите кои ги преземаат екологистите Бујароска вели дека за разлика од порано сега има повеќе организации кои работат на решавање на проблемот со загадувањето, а група која работи во околината на Дрисла и веќе врши некои истражуваа како и колку влијае печката за согорување отпад врз здравјето на луѓето кои се наоѓаат таму.

„Имаше дојави од колеги дека има појава и на зголемување на канцерогени заболувања. Сето тоа претпоставувам дека ќе излезе и во некоја малку поопсежна студија која ќе ги потикне и властите малку посериозно да го решаваат овој проблем“, изјави Бујароска од еколошката организација Фронт 21/ 41, која е гостин во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Професор Драган Ѓоргев од Институтот за Јавно здравје ни изјави дека засега здравствениот систем нема информации за влијанието на аерозагадувањето врз посебни локалитети во Скопје, вклучувајќи ја и Дрисла и оти фокусот е кон целото население во Скопје. Тој оцени дека се работи за прилично сложена методологијата за проценка на ризиците од одреден загадувач.

Тој вели дека лично смета оти Дрисла не доминантен загадувач на Скопската котлина и мора фокусот да се насочи кон мерките за сите загадувачи вклучително и за Дрисла, но не само на Дрисла.

„Јас би бил меѓу првите кои би бил заинтересиран да ја видам таа студија, зашто здравствениот систем не правел такво истражување, бидејки ние сме фокусирани на големата слика на загадувањето во Скопје. Дрисла не е доминантан загадувач на Скопје, а имајќи ги предвид прилично лимитираните технички и хумани капацитети на институциите кои го следат влијанието, фокусот беше да се види влијанието на главните загадувачки честички, а тоа се ПМ честичките. Евентуални сомнежи на емисии на загадувачки материи од Дрисла, а тоа се хемиски состојки кои обично се присутни при емисии од депониите секаде, не се предмет на нашиот мониторинг систем, ниту се можност за техничко мерење од некоја институција, затоа би бил среќан да видам дека некој тоа да го мери, но по акредитирани методи. Вие мора да ја мерите и емисијата и изложеноста на населението. Прилично е сложена методологијата за проценка на ризиците од одреден загадувач“, вели професор Драган Ѓоргев од Институтот за јавно здравје.

Наодите од Епидемиолошките студии кои беа направени во Македонија покажаа дека годишно се губат околу 1.300 животи од аерозагадувањето, а три групи на болести се поврзуваат со аерозагадувањето и тоа ракот на белите дробови, мозочните удари и болестите на срцето

Деновиве на социјалните мрежи загрижени граѓани за квалитетот на воздухот во Скопје масовно го споделуваа текст на британскиот весник „Гардијан“ напишан во 2001 година насловен „Велика Британија со токсичен подарок за Балканот“.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање рекоа оти се свесни дека инсинераторот кој и бил доделен на Македонија како хуманитарна донација од Велика Британија во 2001 година не ги исполнува стандардите кои се очекуваат, наведувајќи дека е планирано да се постави нов во април оваа година.

Во Дрисла се согорува медицински и комунален отпад. Бујароска вели дека за медицински отпад важат поинакви правила и треба да се размислува како долгорочно да се реши проблемот, а не со ад хок решенија.

„Гледам Инспекторатот им забранил да работата кога има високо загадување во Скопје. Но тоа не е решение, зашто медицинскиот отпад според правилата треба да се спалува веднаш по депонирањето. Треба да се размисли дали ќе се согорува тука, но спред европски стандарди или ќе се праќа во други држави”, изјави Бујароска.

Во изминатите неколку години како главни фактори за енoрмно загадениот воздух во Скопје и неколку други градови во државава се посочуваат сообраќајот, индустријата и затоплувањето односно повеќе фактори, а депониите се еден од проблемите во животната средина. Диви депонии имаат повеќе општини, а причина е непостоењето на заокружен систем за управување со отпадот.

Лекарите потврдуваат дека тоа носи потенцијални ризици за околината и здравјето на луѓето

Апсолутно се ризик сите наши депонии, бидејќи ниедна од нив не е депонија, сите се ѓубриште. Најблиска до терминот депонија е токму Дрисла, а ни таа не ги задоволува сите критериуми на еден локалитет каде треба да се одлага сметот“, вели професор Ѓоргев од Институтот за јавно здравје.

Инаку податоците на екологистите зборуваат дека пред донирањето на печката во Дрисла медицинскиот отпад се согорувал на отворено.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG