Достапни линкови

Потребни се докази, а не избрзани изјави за криминал


Илустрација: Депонијата за азбест во депонијата Дрисла

Преголемата желба за да се покажат криминалите на претходната власт се можеби и поголеми од времето со кое располагаше новата власт за реално расчистување со криминалот, па можеби и затоа имаше и избразни изјави, велат дел од аналитичарите за изјавите на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, и директорот на ФЗО Ден Дончев.

Избрзани и неодговорни се изјавите на првите луѓе на Град Скопје и Фондот за здравство за сомнежи за криминал кој има силно негативно влијание врз здравјето на граѓаните, а при тоа да не соопштат какви конкретни мерки се преземаат во институциите за справување со таквите сомнежи, велат дел од политичките аналитичари.

Неколку денови поминаа откако градоначалникот Петре Шилегов и директорот на ФЗО Ден Дончев ја вознемирија јавноста со изјави за шпекулациите околу сомнителен отпад во Дрисла и лекови со сомнителен квалитет увезени од турски нелегални лаборатории.

Но, ни Шилегов ни Дончев во јавноста не соопштија повеќе детали за тоа со какви докази располагаат како раководни лица на овие институции, ниту дали е отпочната истрага за нивните наводи во истражните органи. Дел од аналитичарите сметаат дека власта се уште не излегла од матрицата на опозицијата и се расфрла со обвинувања без да имаат целосни докази за тоа. Од друга страна, пак, дел од нив сметаат дека ваквите изјави се должат на преголемата желба да се покажат како што велат, злоделата на претходната власт, па се избрзува со изјави.

„Желбата на новата власт да го докаже криминалот на претходната власт за кој народот зборуваше, а немаше цврсти докази, е поголема можеби од капацитетите, а можеби и од доказите со кои во овој момент располагаат за да го докажат тоа. На моменти делува дека нивната желба е поголема и од времето со кое до сега располагаа и од времето кое е реално потребно за расчистување со криминалот и да се излезе со цврсти докази за тоа“, вели политикологот Соња Стојадиновиќ.

Таа додава дека одговорни политичари треба да излезат со јасни ставови и докази со цел да се лоцира јавно одговорноста и стандардите, кои фирми носеле сомнителен отпад, по какви стандарди се носени, дали имаме ние капацитет во Дрисла за да се обработува таков отпад и дали индициите кои се појавија пред неколку години се точни дека претходната власт дозволила увоз на опасен отпад, а од друга страна треба и да се посочат и докази кои се фалсификуваните лекови и дали тие се проверени во нашите лаборатории или во некои други.

„Таквите изјави сега мене ми делуваат многу паушално и повеќе кревање фама отколку нешто што е докажано. Може да веруваме кога ќе ни дадат докази на хартија, до тогаш личат на паушални изјави“, вели Стојадиновиќ.

Шилегов во последното телевизиско интервју посочи дека му е потребно повеќе време и побара трпение од јавноста за да може да излезе со детална анализа, ставајќи акцент врз сомнежите за криминал во Дрисла, притоа посочувајќи дека само спомнал шпекулации за радиоактивен отпад, не тврдел такво нешто.

Дрисла – Никогаш не сме складирале и обработувале радиоактивен отпад

Во Депонијата Дрисла велат дека од самото отворање до денес кај нив не се складирал и обработувал радиоактивен отпад, ниту пак има можности за такво нешто.

Во одговор на прашања од Радио Слободна Европа, од Дрисла велат дека работат согласно сите законски регулативи во Македонија, а тоа го потврдуваат и инспекциските контроли.

„Што се однесува до правните нерегуларности околу сопственоста и управувањето на депонијата Дрисла, постои соодветна документација за тоа која може да се провери како и годишни извештаи за тековното работење на Дрисла кои се доставуваат до Градот Скопје и се гласаат на Седница на Совет на Град Скопје, па може актуелниот градоначалник прво да ги провери пред да шпекулира“, велат од Дрисла за Радио Слободна Европа.

Премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање, неодамна ја смируваше јавноста, посочувајќи дека во Дрисла нема радиоактивен отпад.

„Верувајте ми, не. Ако има такви работи, веднаш ќе интервенираме. Јас знам дека градоначалникот на Скопје прави анализи, заедно со правните тимови, на договорот, правно – формалниот дел на договорот и се должни да ме информираат, заради тоа што се работи за странска инвестиција во Република Македонија. Ние досега сме имале само информации, повеќе преку медиумите, заради тоа што немавме увид во архивите на Градот Скопје“, изјави Заев.

Сомнителниот отпад во Дрисла и фалсификуваните лекови, не се нова тема во медиумите. Советниците од СДСМ во изминатава година пред изборите честопати држеа прес-конференции на кои бараа одговори од тогашниот градоначалник Коце Трајановски за тоа што се случува со оваа депонија. Аферата за јавното приватно партнерство ја отворија медиумите пред неколку години. Проблемите со лековите добија на гласност во изминативе неколку месеци откако медиумите истражуваа за проблемите на пациентите кои се жалат дека дел од терапијата не им делува. Директорот на Фондот Дончев по интервјуто за „Фокус“ во медиумите не одговори дали за индициите дека со паралелен увоз во земјава влегуваат сомнителни лекови произведени во нелегални лабаратории во Турција, ги известил од Основното јавно обвинителство или останатите надлежни институции.

Од Основното јавно обвинителство велат дека пред излагањето на Дончев веќе било отворен предмет по допрен глас и дека работат на расветлување на случајот.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG