Достапни линкови

Загаден воздух – болни деца


Илустрација
Илустрација

Според Светската банка, аерозагадувањето во Македонија убива 1.350 луѓе годишно. Децата се најосетливата група, затоа што имаат организам во развој и побрзо дишење, а со тоа и побрзо внесување на загадените материи во телото.

Ја реобјавуваме саботната анализа првично објавен на 12 ноември 2016 година.

Секое второ болно дете минатата година(2015) се лекувало од респираторни болести кои најчесто се директна последица на загадениот воздух. Децата се најпогодени, особено во грејната сезона, кога концентрацијата на цврстите честички е зголемена. Скопје и натаму високо котира на листата на најзагадени градови во Македонија. Високите концентрации на PM10 честичките достигнуваат и до повеќе од десет пати од дозволеното.

Светската банка во студијата „Зелен раст“ процени дека Македонија е на прво место на листата за изложеност на граѓаните на загаден воздух со цврсти честички. Земјата е и на петто место според годишните смртни случаи предизвикани од загаден воздух. Поточно, според Светска банка аерозагадувањето во Македонија убива 1.350 луѓе годишно, а македонската економија трпи штети од 253 милиони евра како резултат на високиот број случаи на прерана смрт, трошоци во здравството, намалената продуктивност на населението и отсуството од работните места на граѓаните. Децата се најосетливата група на сите загадувања од животната средина, а пред сè од аерозагадувањето, посочува доктор Драган Ѓоргев од Институтот за јавно здравје.

„Пред сè затоа што имаат организам во развој, затоа што имаат позабрзано дишење и поголема глад за воздух од возрасните и затоа што се немоќни што било да сменат. Значи ги чекаат нашите акции и политики. Така што, бројни се последиците од аерозагадувањето по разни делови на организмот, а кај децата фокусот е врз белодробниот систем“, вели тој.

Илустрација: Амбуланта во Охрид
Илустрација: Амбуланта во Охрид

Чистиот воздух претставува еден од клучните елементи за здравјето, не само на децата, туку и на возрасните, вели директорката на детската клиника, Аспазија Софијанова. Вдишувањето на токсичните елементи од загадувањето на воздухот според неа, може да ја компромитира работата и функцијата на белите дробови.

„Од една страна се борат белите дробови да ги исфрлат тие токсични елементи и прави одбранбен механизам. Од друга страна тоа некогаш успева, но некогаш не и она со што се соочуваме се честите горни респираторни проблеми. Но, за жал некогаш може тие честички ако не се исфрлат со одбранбениот механизам да навлезат во белите дробови и да причинат сериозна инфекција. Понекогаш тие остануваат и прават тригер за евентуална опструкција на дишењето или неможност воздухот правилно да влезе и излезе и притоа се појавуваат така наречени опструктивни бронхити. Тешко дишење или свирење во белите дробови, а ако дозволат да падне имунитетот, тогаш може да резултира и со бронхо-пневмонија“, вели таа.

Освен врз респираторниот систем, загадениот воздух, како што наведува Софијанова, влијае и врз целиот организам и може да се јават главоболки, поспаност и малаксаност. Анализата на Институтот за јавно здравје покажува дека околу 50 проценти од децата кои побарале лекарска помош имале респираторни проблеми. Што значи дека респираторните проблеми кај децата се најзастапени и се наоѓаат на првото место на табелата. Месеците декември, јануари и февруари се со највисоки стапки додека јуни, јули и август со најниски стапки на болни. Највисока просечна месечна стапка на деца од 0 до 6 години кои се пожалиле на респираторни проблеми во 2015 година е регистрирана во Велес, а на деца од 7 до 19 години е регистрирана во Штип. Во скопскиот регион 53 отсто од децата до шест години биле хоспитализирани во минатата година поради болести на респираторниот систем. Додека бројката на тие од 7 до 19 е за нијанса помала односно изнесува нешто над 43 проценти.

„Огромен е процентот, повеќе од 50 отсто од структурата на заболување кај децата доаѓа од белодробниот систем, а пак најголема релација која не мора да биде само од аерозагадувањето, туку и разни бактериски и вирусни инфекции, кои може да бидат причинети пред сè заради слабост на белите дробови. Аерозагадувањето е проблем кој ќе го намали имунитетот и капацитетот на белите дробови и ќе се надоврзат бактериски и вирусни инфекции“, вели Софијанова.

Протест против загадување на воздухот во Скопје на 20 декември 2015
Протест против загадување на воздухот во Скопје на 20 декември 2015

Но, конкретни бројки, како што додава Ѓоргев, за тоа колку деца заболеле поради загадениот воздух нема и не се прават такви анализи. Софијанова посочува дека загадувањето, како и сите останати надворешни фактори кои влијаат на здравјето на децата мора да се контролираат.

„Потоа тригерираат други фактори и тоа е еден синџир во ланецот на здравјето на сите нас, кој треба да причини еден баланс на состојба на заштита од болест, а во исто време борба против надворешните тригери“, вели таа.

Во анализата на невладината организација Екосвест од декември 2014 година за ефектите по човековото здравје од македонските термо-електрани РЕК Битола и Осломеј е наведено дека загадувањето на воздухот е голема опасност за здравјето на луѓето. Изложувањето на загаден воздух е поврзано со бројни ефекти врз човековото здравје како оштетување на белите дробови, срцето, крвните садови и нервниот систем.

„Кога станува збор за влијанието врз децата, односно на нивното здравје. Секоја година поради загадувањето од овие две термо-електрани РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј од бронхитис заболуваат 60 деца“.

Доколку, како што додава Невена Смилевска од Екосвест, термо-електраните се усогласат со директивата за индустриски емисии, бројката би се намалила на 5 случаи на бронхитис кај децата како резултат на загадувањето.

Во Битола е зголемен бројот на белодробни инфекции, алергии и кашлици кај децата, а има и случаи на рак кај мали деца. Лекарите се сомневаат дека причините лежат во загадениот воздух.

Проблеми со воздухот има и во Тетово. Веќе неколку години речиси 80 проценти од сите денови во една календарска година се со загаден воздух. Лекарите предупредуваат дека тоа може да предизвика хронични заболувања кај децата.

Мерките коишто треба да се преземат против аерозагадувањето, според Ѓоргев, не важат само за децата, туку за сите останати и најмалку се во доменот на здравството. Не помага зајакнување на имунитетот или, пак, витамините и фокусот треба да биде намалување на загадувањето на воздухот, бидејќи само така ќе се заштитат децата, додава тој.

„Без да им обезбедиме чиста средина и тоа мораме што попрво да почнеме, децата постојано ќе бидат немоќни на оние дневни реакции со симптоматски терапии со отсуство од градинка и училиште со осети на болници и итн. Друга медицинска заштита од ова немаме“, вели Ѓоргев.

Софијанова апелира семејствата слободното време да го користат за своите деца да ги однесат на места каде воздухот е почист.

„Викендите повеќе надвор, на планина на воздух или во парк. Повеќе заедничко фамилијарно дружење“, вели таа.

Децата растат на нездрав воздух

Гоце Атанасов

Триста милиони деца, или секое седмо во светот, живеат во области со екстремно токсично ниво на загадување на воздухот, главно во Јужна Азија и Африка. Загадувањето, според извештајот на Агенцијата за деца на Обединетите нации УНИЦЕФ, придонесува за смртност, но и за недоволен физички развој на децата.

Децата растат на нездрав воздух
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:26 0:00

Во студијата се додава дека дополнително, две милијарди деца живеат во области каде што воздухот не ги исполнува меѓународните стандарди дефинирани од Светската здравствена организација. Според овие стандарди, оние места каде што загадувањето на воздухот го надминува годишниот лимит од 10 микрограми на ултра ситни частички на кубен метар, претставуваат долгорочна опасност. Портпаролот на УНИЦЕФ Кристоф Булирак вели:

„Студијата ни покажува две големи работи: денес има 300 милиони деца кои живеат во области каде што воздухот е загаден со многу високо ниво на токсичност, шест, седум или осум пати повисок од нормите воспоставени од Светската здравствена организација. Тоа исто така ни покажува, пошироко, дека денес над две милијарди деца живеат во области кои се далеку под стандардите дефинирани од СЗО“, вели тој.

УНИЦЕФ објави студија под наслов „Исчистете го воздухот за децата“ во која користи сателитски снимки од НАСА за да ги покаже загадените области со цел да се види колку деца се изложени на тоа. СЗО проценува дека загаденоста на таканаречениот надворешен воздух во 2012 година било причина за смртта на скоро 3,7 милиони луѓе, меѓу нив 127 илјади деца под петгодишна возраст. Меѓу изворите на загадувањето се фабриките, термоцентралите, автомобилите со внатрешно согорување, прашината и чадот од отпадни материи.

Загаденоста на воздухот во затворени простории поради греење и готвење на дрва или на гас што се користат главно во посиромашните земји, убива повеќе луѓе: Истата година од вакво загадување починале над 4,3 милион луѓе од кои 530 илјади деца.

„Децата дишат два пати побрзо од возрасните, што значи дека тие вдишуваат многу повеќе воздух од возрасните. Тоа, пак, значи дека тие се почувствителни на квалитетот на воздухот. Загадениот воздух ги погодува дишните органи кои се многу покревки од оние на возрасните“, вели тој.

Тоа, според него, може да има последици и врз нивниот мозок кој сè уште е во развој. Станува збор за оштетување на заштитата на мозокот што може да доведе до неповратни штети на церебралниот развој на децата со што се загрозува нивната иднина.

„Сето ова има многу сериозни последици врз здравјето на децата. Проценуваме дека смртта на 600 илјади деца под 5 години е поврзана со загадувањето на воздухот. Над милијарда деца умираат од пневмонија во светот годишно. Половината од нив се поврзани со проблеми од загадувањето на воздухот“, вели тој, наведувајќи дека извештајот беше уште еден апел до владите на 200 земји во светот пред нивниот состанок од 7 до 18 ноември во Мароко за рестрикција на употребата на фосилни горива со цел забавување на климатските промени.

УНИЦЕФ исто така бара од владите да им дозволат на децата полесен пристап до кампањите за вакцинација за намалување на нивната чувствителност спрема респираторните болести. УНИЦЕФ бара училиштата да бидат што подалеку од фабриките и другите извори на загадување на воздухот.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG