Достапни линкови

Мерките против аерозагадувањето да не бидат само на хартија


Поглед на западниот дел на градот Скопје од планината Водно. 04.11.2017

Откако мерните станици повторно покажуваат повеќекратно зголемени концентрации на аерозагадување, властите излегоа со низа мерки за решавање на проблемот. Претставници на граѓански еколошки организации велат дека властите треба да гарантираат дека мерките нема да останат само на хартија.

Доколку централните и локалните власти ги спроведат мерките кои ги предложија за намалување на аерозагадувањето, влијание врз квалитетот на воздухот ќе има, велат претставници на граѓанските еколошки организации, откако скопските градоначалници и надлежните од Министерството за животна средина предложија серија долгорочни и краткорочни мерки против загадениот воздух.

„Можеме да заклучиме дека голем дел од оние мерки кои ние ги предлагавме во текот на минатата година и летото оваа година се земени предвид, особено мерката за техничкиот преглед на возилата и ставањето на налепници, односно бележењето на различните типови на загадувачи, односно возилата. Тоа е една од тие мерки која можеби комплетно е земена предвид како што сме ја предложиле“, вели Ана Чоловиќ Лешоска од граѓанската организација „Еко-свест.

Предлозите за намалување на аерозагадувањето доаѓаат откако мерните станици за квалитетот на воздухот повторно покажуваат повеќекратно зголемени концентрации.

Властите најавија законски измени кои треба да овозможат возилата да добиваат еколошка налепница при технички преглед, а оние кои загадуваат да бидат исклучени од сообраќај. Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов исто така предложи намалување на цената на парното, скалесто зголемување на цената на паркингот и намалување на цената на јавниот превоз.

„Измените на законот очекуваме да поминат пред Собранието до крајот на годинава, а догодина да се мапираат возилата на територијата на Македонија и административно да се забранува сообраќајот за возилата кои се загадувачи“, изјави Шилегов.

Министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураку најави зајакнати контроли на индустриските капацитети, субвенционирање на филтри, поттикнување на употреба на електрични возила... Тој рече дека во буџетот на државата е предвидена ставка со која ќе се планираат одредени мерки за намалување на загадувањето.

Чоловиќ-Лешоска вели дека еден од погорливите проблеми во Скопје е загадувањето од домаќинствата и доколку властите успеат да го решат овој проблем, квалитетот на воздухот значително ќе се подобри.

„Домаќинствата и сето она незаконско диво палење на несоодветни материјали е многу тешко решлив проблем. Не се доволни инспекциите, ниту субвенциите за дрва или пелети на фамилии кои не можат да си дозволат леб да купат. Мерките и начините како тоа да го решите е навистина огромен предизвик и се надевам дека градските власти ќе се потрудат тоа да го стават во прв план, заедно со предложените мерки во делот на сообраќајот, индустријата и во делот на раззеленувањето на градските површини“, вели Чоловиќ-Лешоска.

Скопје и Тетово се градови со најзагаден воздух во Европа, а деновиве концентрациите на ПМ10 честичките беа зголемени пет пати над дозволената граница.

Аријан Џафери од граѓанската организација „Еко-герила“, која со години протестира за загаденоста во Тетово, вели дека предлозите се позитивен чекор кон решавање на големиот проблем со аерозагадувањето во Македонија, но според него на граѓаните треба да им се гарантира дека тие ќе бидат имплементирани како што се предложени.

„Да не останат само козметички мерки или препораки, како што беше ситуацијата до скоро. Повеќето од овие мерки беа предложени и од наша страна како организација, но и пошироко од невладиниот сектор во Македонија. Многу е важно имплементирањето на овие мерки, но и на другите законски одредби кои ќе помогнат за намалување на загадувањето и да дишеме почист воздух“, вели Џафери.

Повеќе еколошки граѓански организација во неколку документи предложија низа мерки и барања до властите. Прво, во таканаречениот „блупринт“ за итните реформски приоритети кон крајот на 2016 година, а потоа и оваа година во Планот за управување со загадувањето.

Аерозагадувањето се смета за најголем еколошки проблем на глобално ниво. Во Македонија годишно по 1.350 луѓе умираат од загаден воздух, а економијата трпи загуби од над 250 милиони долари.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG