Достапни линкови

Што содржи законот за јазици?


Архивска фотографија - Премиерот Зоран Заев и вице-премиерот Бујар Османи го презентираат Акцискиот план 3-6-9.

Во предлог законот ги нема двојазичните банкноти, амблеми на војската ниту двојазичните хартии од вредност. За нив ќе решава Венецијанската комисија и доколку таа позитивно се произнесе, тие дополнително ќе бидат вградени.

Според предлог законот за употреба на јазиците, покрај македонскиот јазик кој е службен на целата територија на Република Македонија, службен јазик е и јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните, односно албанскиот. Во сите органи на државната власт, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи, организации, комисии, службен јазик покрај македонскиот јазик ќе биде и албанскиот. Истото важи и за единиците на локалната самоуправа.

Претседателот на Парламентот, ако е Албанец, ќе може пленарната седница да ја води и на албански јазик. Личните документи и патните исправи на граѓаните по автоматизам ќе бидат издавани на службениот јазик што го зборува граѓанинот. Во судските постапки, јавните обвинителства и сите други органи, тела и институции, покрај македонскиот, ќе се применува и албанскиот јазик. За разлика од претходно, кога право на употреба на друг јазик освен македонскиот беше резервирано само за осомничените, приватните тужители и сведоците, сега се предвидува тоа право и за судиите и за обвинителите.

Во предлог законот ги нема двојазичните банкноти, амблеми на војската ниту двојазичните хартии од вредност. За нив ќе решава Венецијанската комисија и доколку таа позитивно се произнесе, тие дополнително ќе бидат вградени. Сепак во општините каде што Албанците се над 20 отсто, униформите на полицијата, пожарникарите и здравствoто ќе бидат и на албански, а на банкнотите ќе стојат културни елементи на Албанците, но не текст на албански јазик.

Мислењето на Венецијанската комисија не е обврзувачко, но доколку таа негативно се произнесе, тоа нема да биде добро за угледот на Законодавниот дом, вели универзитескиот професор Осман Кадриу.

„Тие решенија за кои Венецијанската комисија ќе констатира дека не се во согласност со Уставот или не им е местото во Законот, тогаш законодавниот дом ќе треба да го коригира правниот акт, што пак не е добро за правната сигурност, правниот систем и авторитетот за законодавниот дом,“ вели Кадриу.

Ставот на Кадриу е дека прашањето за банкнотите не треба да биде уредено со овој закон, а такво мислење очекува и од Венецијанската комисија. Во однос на предвидените казни за институциите кои нема да го почитуваат законот, а кои достигнуваат и до пет илјади евра, Кадриу смета дека се превисоки и додава дека тој дел во јавноста погрешно бил презентиран.

„Во јавноста погрешно и во сосема друга конотација се интерпретираше таа одредба дека наводно ќе се казнуваат казнуваат и лицата од другите етнички заедници кои нема да го зборуваат албанскиот јазик, што е сосема неточно. Во однос на висината на глобите за одредени институции кои нема да го почитуваат законот, лично сметам дека се енормно високи“, вели Кадриу.

Предлог законот за употреба на јазиците, веќе предизвика реакции кај дел од албанските партии. Според движењето Беса со новиот закон за јазици албанскиот јазик не се официјализира целосно, туку само се вршело унапредување во соодветни институции. Од ДПА пак законот го оценија како предизборен маркетинг на владејачките партии.

За спроведување на Предлог – законот, како што стои во него, ќе бидат потребни дополнителни средства од Буџетот на Република Македонија, поврзани со основањето на Агенција за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсот од граѓаните на Република Македонија, но и материјални обврски за други субјекти.

Законот за употреба на јазиците е дел од коалицискиот договор меѓу Ахмети и Заев и беше дел и од платформата на албанските партии. Законот првпат беше донесен во 2008-та година, а надграден и проширен во 2011тата година.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG