Достапни линкови

Со работни акции до почиста животна средина


Попова Шапка.

Почиста средина може да има и со поголема свесност за поединечниот придонес кон општеството, вели тетовскиот писател Јован Дамјановски. Тој потсетувајќи се на некогашните младински акции, вели дека и сега со такви акции може да се подобри квалитетот на живот.

Mладинските работни акции во средината на минатиот век и поранешниот општествен систем биле начин да се одржи на високо ниво чиста природната и човековата околина, нешто што во денешно време се чини тешко остварливо. Тетовскиот писател Јован Дамјановски, кој во минатото бил дел од овие акции, објаснува дека кај луѓето и младите сега недостига желбата за учество во создавање заедничките вредности, дури и кога станува збор за подобра екологија, која е важна за сите.

„Покрај сојузните акции како тогаш ги нарекувавме имаше и локални акции. На пример јас бев командант 1964/65 година на бригадата млади луѓе кои што го градеа патот од Тетово до Калето. И тоа беше една шанса младиот човек да се покаже, да изгради нешто со себе во овој наш крај во ова наше Тетово. Но не беше само тоа активност од локален карактер. Туку се организираа и активности. Како на пример јас учествував на една активност на Попова Шапка за собирање на најлони, на разни нечистотии, да се очисти Попова Шапка за да свечено и поуредено ја дочека сезоната. Биле организирани акции за уредување на школски дворови, уредување на шуми –мислам на садење на шумски пространства“, потенцира писателот.

Според Дамјановски и сега ако сакаат луѓето можат да се организираат и заедно да учествуваат во подобрувањето на квалитетот на животот.

„Во денешно време исто така може да се организираат многу активности на младите, како што е преку невладините организации, здруженија и на републичко ниво и на локално. Може да се организираат акции во училиштата, да се организираат акции на политичките партии на младинскиот дел од политичките партии, така што да остануваат отворени сите можности и младите да дадат свој придонес во уредувањето на сопствениот живот“, вели тетовскиот книжевник.

Уредувањето на животот не е обврска само на луѓето кои се повозрасни и кои се платени за тоа, вели писателот. Тој потенцира дека е важна самоиницијативноста и одговорноста пред сè кај младите.

„Во нашиот град имаме голема нечистотија, но не е предизвикана само од луѓето туку и од возилата, од индустриски објекти, се освојуваат шумите. Така да останавме во ситуација да мислиме што ќе се случува со нас и нашите идни генерации како живот како услови за живот. Останува да се организираме да покажеме дека сме одговорни пред себе и пред другите“, истакнува Дамјановски.

Во време на Југославија преку младинските работни акции се градени автопатишта и друга инфраструктура. Се работело без надоместок, а целта била младите да се дружат и стекнуваат работни навики и искуства.

XS
SM
MD
LG