Достапни линкови

Бомбај - Тетово треба да се децентрализира


Томислав Стојановски-Бомбај, поранешен пратеник во Собранието на Македонија од Тетово.

Поранешниот пратеник од Тетово, Томислав Стојановски-Бомбај, предлага дел од поранешните рурални општини повторно да функционираат како локални самоуправи, со што во Тетово би имало поквалитетен живот.

За да може Општина Тетово да ги надмине инфраструктурните проблеми и создаде поквалитетен живот, сите нивоа на политичка власт треба да размислуваат во насока на децентрализација на овој градски центар, смета Томислав Стојановски-Бомбај, поранешен пратеник од градот и носител на неколку општествено политички функции. Придобивка за Тетово ќе биде што како град ќе се растовари од фреквенција на луѓе и возила и полесно ќе може да го подобри квалитетот на живеење, вели Бомбај.

„Јас сум за тоа повторно да се оформи општината Џепчиште, која што е индустриски развиена, која што беше најуспешна општина во тој период во Република Македонија и зошто да не се оформи општина Мала и Голема Речица и со тоа веќе Тетово ќе биде ослободено од она што значи еден огромен притисок на градот, на администрацијата, а сето тоа создава проблеми и во сообраќајот и во загадувањето и во она што значи непланско градење. Еден див урбанизам, а воопшто не е размислувано за инфраструктура за да можат тие станбени и деловни простори да бидат во функција. Не е проширена водоводна мрежа, канализација, паркизни и слично“, потенцира Стојановски.

Според него дел од поранешните рурални општини повторно успешно би функционирале како локални самоуправи. Тоа е значајно и за економскиот развој на поширокиот полошки регион.

„Општината Шипковица која што се укина, меѓудругото беше формирана да може да го афирмира да го обедини и да создаде услови за тој туризам на центар на Шара во делот околу Попова Шапка каде што Шипковица, Лисец, Гајре и другите села ќе бидат она што би значело рурален селски туризам, каде што ќе има сместувачки капацитети кои што ќе треба да се поддржат со поволни услови, кредити и други привилегии за да таму се концентрираме. Никаде нема сместувачки капацитети непосредно на скијачките терени“, вели поранешниот тетовски политичар.

Стојановски смета дека повторниот избор на Теута Арифи за градоначалничка на Тетово ќе резултира позитивно за градот во овој втор мандат.

„Нејзината определба дека сака уште еден мандат и се откажува од било која позиција во Владата која што можеше да ја има освен премиерската, треба да ја сфатиме искрено дека кај неа има енергија, има желба има и тенденција да се вториот мандат практично искаже во поинакво светло со оглед на многу бројни проекти кои што се предвидуваат“, вели тој.

Стојановски беше политички активен преку Демократската партија на Македонија која постоеше и ја раководеше од 1991 до 2006 година. Беше пратеник од 1994 до 1998, а во два наврати учествуваше во изборот на градоначалник на Тетово.

XS
SM
MD
LG