Достапни линкови

Граѓани бараат на извршителите „да им се врзат рацете“


Протест на движењето Но пасаран пред Апелациониот суд во Скопје против плаќањето парно од исклучените
Протест на движењето Но пасаран пред Апелациониот суд во Скопје против плаќањето парно од исклучените

Граѓанската иницијатива „Стоп извршител“ веќе некое време собира потписи од граѓаните со цел да се измени Законот за извршители и да се направи ревизија на нивната работа. Извршителите, пак, сметаат дека ова е хајка против нивната професија и велат дека никој не смее да биде над законот.

Не бараме целосна анархија, туку само враќање на извршителите во судовите и измени на законот за извршители. Вака од граѓанската иницијатива „Стоп извршители“ ја објаснуваат иницијативата за собирање потписи, со цел измена на законот за извршители и замрзнување на сите изврши одлуки врз физичките лица. Од здружението „Но пасаран“, од каде што бараат ревизија на работата на извршителите, велат дека мора да се заштитат граѓаните и законот да ги штити нивните интереси.

„Ние не сме за целосно укинување на извршителите, ние сме за нивна поголема контрола односно за нивно работење во рамките на законот и во служба на граѓаните. Затоа бараме да се врати по старо, односно тие да се вратат под ингеренции на судот“, вели Марјан Ненов од „Но пасаран“.

please wait

No media source currently available

0:00 0:03:09 0:00
Директен линк

Ненов вели дека на извршителите им се дадени „одврзани раце“ и тие тоа во многу наврати го злоупотребиле.

„Ние имаме случаи да се прави извршување на самохрани мајки. Имаме селективно извршување. Конкретно јас имав случај во кој сакав да си наплатам и го дадов на извршител. Извршителот до ден денеска го нема завршено случајот. Единствено што направил е што си ја наплатил својата награда, а долгот што треба мене да ми се наплати, не е наплатен“, го раскажува Ненов своето лично искуство.

Од иницијативата посочуваат дека извршителите се ставени во служба на одредени монополски компании и делуваат од позиција на наметнување на сила врз обичниот граѓанин. Од здружението „Гласен текстилец“, кое исто така ја поддржува оваа иницијатива бараат новата власт да има повеќе слух за проблемите на граѓаните.

„Бараме да се замрзнат сите извршни одлуки додека да се донесе некој нов, почовечен закон за извршување. Потоа да е направи ревизија на работат на извршителите, на нотарите и на адвокатите. Значи камата врз камата на основен долг е претерано. Имав случаи кога за долг од 1.000 денари, треба да се наплатат 30. 000 денари. Тоа е нереално. Бараме побрзо свикување на собраниска седница за да се донесат измени на актуелниот закон за извршители“, вели Кристина Ампева од здружението „Гласен текстилец“.

За Комората на Извршители на Македонија ваквите обвинувања се непримерена хајка против нивната професија. Иницијативата „Стоп извршители“, претставува навреда и неправда за сите оние граѓани кои уредно и навремено ги плаќаат долговите, а посебно за граѓаните од ранливите категории, кои ги почитуваат законите. Оттаму додаваат дека не треба да се заборави дека ниту извршителите, ниту граѓаните можат да бидат над законот.

Во врска со промена на постоечкиот Закон, од Комората посочуваат дека неговото носење било со цел да се елиминираат негативните резултатите на претходниот Закон за извршна постапка од 1997 година, кој, како што велат, имал за последица бавна реализација на извршувањето на судските одлуки во граѓанските предмети.

„Извршителите работат по тарифа, донесена од страна на Министерство за правда. Должникот, според извршната исправа, може да го плати долгот веднаш во доброволниот рок, во кој случај извршувањето е непотребно односно бесплатно и не течат камати. Доколку должникот не плати во доброволниот рок, тогаш доверителот доставува барање за извршување на извршната исправа до извршителот. Ако должникот плати веднаш при прва достава и прв издаден налог за извршување, тогаш трошоците се помали, но извршните трошоци се зголемуваат доколку должникот не соработува со извршителот и избегнува да прима налози. Тоа, пак, за последица има растење на каматите, согласно извршната исправа", се вели во писмената изјава на претседателот на Комората на извршители, Зоран Димов.

Од граѓанската иницијатива продолжуваат со собирање на потребните потписи, а најавуваат и други облици на борба доколку не се смени според нив, спорниот закон за извршители. На 1 јануари стапија во сила новите, помеки правила по кои постапуваат извршителите. Со нив се воведе засилена контрола на работењето на самите извршители; писмена опомена пред принудна наплата; вонсудска постапка за комуналните сметки; кратење на роковите за продажба на недвижностите; но и за иселување на должниците; можност да се продаваат предмети при стечај; еднократно поднесување на барање за алиментација; електронска комуникација со државните органи.

Ова значи дека заостанатите сметки за комуналии (струја, вода, парно, телефон, каблеска) веќе не одат на нотар или на суд, како до сега туку директно кај извршител. Со тоа треба да се избегнат дополнителните трошоци.

Според последните податоци на Народната Банка кои се однесуваат на јуни вкупниот број на граѓани со блокирани сметки достигнал 76.432, а на компании 36.021. Извршителите наплаќаат по околу 100 милиони евра годишно. Процесот на наплата најчесто трае подолго од една година.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG