Достапни линкови

Стечајците најавуваат блокади


Локалните јавни претпријатија и Општината Куманово со години им помагаат на стечајците да си ги подмират заостанатите долгови. Но нивниот статус и понатаму е нерешен, па затоа најавуваат блокади на излез и влез на Куманово од и кон Скопје.

Петта година локалните јавни претпријатија и Општината Куманово им помагаат на стечајните работници, членови на Здружението „УНИТ“ за Куманово, Липково и Старо Нагоричане, а деновиве е договорено заостанатиот долг да го плаќаат на најголем број рати. Оваа мерка се однесува главно за околу 300 стечајци. Со тоа би се избегнале судски пресуди и извршители на вратите на стечајците кои деценија ипол се без работа и без егзистенција, без нивна вина. За решавање на статусот на стечајците и за исполнување на нивно единствено барање кое подразбира законско регулирање за месечно обесштетување во износ од шест илјади денари, до пензионирање, стечајците за в петок најавуваат тримесечна блокада на излез и влез на Куманово од и кон Скопје.

Според Љиљана Георгиевска освен нивните егзистенцијални маки ,тие постојано се соочуваат со некакви притисоци,а таа лично и со повици за суд.

„Не ни преостанува ништо друго освен да протестираме, бидејќи гледаме што се случува во државава, секој си гледа да си дограби некој денар или место. Ние сме оставени на маргините од сите и никој веќе не води сметка за нас, иако сме граделе во оваа држава.“

„Притисоци ќе има, меѓутоа може само душа да ни земат, ништо друго немаме. Подготвени сме ако треба и да лежиме в затвор, со тоа само добро може да ни направат, ќе ни фрлаат по едно парче леб и нема да ги плаќаме давачките. Време е Груевски да ни го реши овој проблем, да ги врати парите што ги украл, а со нив да бидат обештетени и стечајците и да тргне државава напред. Зарем за него нема закон, а ние не смееме ниту уста да отвориме.“

Георгиевска вели дека тие се благодарни на локалната самоуправа која согласно законските рамки им излегува во пресрет.

Сашо Петрушевски директор на локалното Јавно претпријатие „Чистота и зеленило“ вели дека тие и во иднина ќе им помагаат на стечајците.

„Сите нивни барања ќе ги проследиме до Управниот одбор и ќе им помогнеме на рати да ги исплатат заостанатите долгови, со што нивните куќни буџети ќе бидат во можност да исплатат.“

Според него стечајците не бараат ништо повеќе од она што може да се субвенционира.

Драган Јаневиќ заменик на директорот во ЈП „Водовод“ вели дека напластените проблеми на стечајците колку-толку ќе бидат намалени.

„Сметам дека преку она што ќе биде доставено од нивното здружение ќе можеме преку управните одбори да донесеме позитивни одлуки и да им излеземе во пресрет. Се работи за законски решенија.“

Стечаец од претпријатието „Искра-иженеринг“ вели дека 13 години е без егзистенција. Според него секоја помош е добредојдена.

„Ќе ни овозможат на рати да ги вратиме долговите. Немам ниту кабел,ниту струја, долгот ми е над сто евра само за улично осветлување.“

Поради ваквите и слични случаи стечајците не се откажуваат од нивната борба за остварување на основните човечки права.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG