Достапни линкови

Неделен печат – Конгресот во Валандово и бизнисот на Западниот Балкан


Христијан Мицкоски и Никола Груевски на протест против притворањето пратеници на ВМРО-ДПМНЕ на 3 декември во Скопје

Неделникот Фокус пишува за Конгресот за избор на нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ, што се одржува во Валандово, а Капитал ја анализира трговската размена меѓу земјите од Западниот Балкан.

Фокус - Груевски во жолто комбе на пат за Валандово

„Груевски во жолто комбе на пат за Валандово“ е насловен еден од текстовите во најновиот Фокус во кој авторот ја анализира појавата на јавно искажување на различни ставови на колку до вчера неколкумина најблиски соработници на Груевски - Димовски, Милошоски, Вељаноски и други пратеници, екс-градоначалници и основачи на ВМРО-ДПМНЕ. Притоа искажува сомневање дека тоа е реален отпор, сметајќи дека засега тоа е само отпор лично против Груевски и неговата страховлада во партијата, а не и против груевизмот. Зашто, вели, „може ли од луѓе кои долги години биеја тешка битка за ’каузата‘ на пастирот да се очекува вистински идеолошки и политички пресврт?“ Инаку, на насловната страница на Фокус карикатурално се прикажани Груевски, Мијалков и единствениот потенцијален кандидат за нов прв човек на партијата, Мицкоски, во измисленото жолто комбе на божемните странски служби. Комбето го вози Груевски кон Валандово, градот каде што треба да се одржи конгресот на ВМРО-ДПМНЕ.

Капитал - 20-милионскиот пазар останува неосвоен – Што тргува Македонија со Западниот Балкан?

Главната тема во Капитал носи наслов: „20-милионскиот пазар останува неосвоен – Што тргува Македонија со Западниот Балкан?“. Неделникот ја анализира трговската размена меѓу земјите од Западниот Балкан за која вели дека сè уште е на ниско ниво и дека сите се согласуваат дека е далеку под потенцијалите. Трговијата меѓу шесте балкански држави продолжува да е оптоварена со многу нецарински, технички и административни бариери. Но, овој регион има големи потенцијали – 20 милиони жители кои се потенцијални потрошувачи на кои работат над 200 илјади фирми, во најголем дел мали и средни претпријатија. А, зголемувањето на меѓусебната трговија може на земјите на Западен Балкан да им донесе брз економски раст, но и да ја зголеми стабилноста. „Среќа за нас што сега процесот на зголемување на економската и трговската соработка во регионот се под палката на Германија и на Европската унија“, констатира авторот на анализата во Капитал. Во текстот е наведено дека во првите 10 месеци од оваа година, вкупната трговска размена на Македонија со останатите земји на Западниот Балкан изнесувала нешто помалку од 328 милиони евра, од што најголем дел зафаќа размената со Србија, Косово и со Босна и Херцеговина, и тоа со суровини и полупроизводи, руди, метали и земјоделски производи.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG