Достапни линкови

Тилерсон: САД се подготвени да преговараат со Северна Кореја


Тилерсон е за преговори со Северна Кореја
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:24 0:00

Тилерсон е за преговори со Северна Кореја

Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон понуди почеток на преговори со Северна Кореја без предуслови. Тоа претставува своевидно повлекување на Вашингтон од претходниот став дека за да дојде до преговори е неопходно најпрвин Пјонгјанг да се откаже од развојот на нуклеарно оружје.

Ваквиот дипломатски пресврт на Тилерсон доаѓа по првата посета на Северна Кореја по шест години на високиот претставник на Обединетите нации, шефот за политички работи Џефри Фелтман.

Тој изрази уверување дека неговата посета на Пјонгјанг во минатата недела може да создаде услови за преговори, иако севернокорејските официјални претставници не презеле никакви обврски.

Тилерсон во обраќањето во Атлантскиот совет во Вашингтон изјави дека САД се подготвени да разговараат со Северна Кореја, но оти Пјонгјанг мора да дојде на преговарачката маса подготвен да го промени курсот за своите нуклеарни и ракетни програми.

„Рековме, од дипломатска страна, дека ние сме подготвени да разговараме со Северна Кореја во секое време и подготвени сме да го имаме првиот состанок без предуслови. Ајде да се сретнеме и можеме да зборуваме и за времето, ако сакате“, рече тој.

Тилерсон додаде дека воената опција против Северна Кореја во случај на немање дипломатско решение би значело негов личен неуспех.

САД ќе го зголемуваат притисокот се додека Северна Кореја во значителна мера не се посвети на дијалог за својата спорна нуклеарна програма“, изјави тој.

Претседателот Доналд Трамп неколку пати и се закануваше на Северна Кореја со целосно уништување во случај да ги нападне Соединетите држави.

„Тоа не е патот по кој сакаме да одиме. Нашата улога во Стејт департментот е да создадеме алтернативен пат. Сакаме само Северна Кореја да направи добар избор кој ќе значи крај на развојот на атомското оружје и почеток на дијалог“, наведе Тилерсон.

Според него, ако владата на Ким Џонг Ун продолжи на сегашниот курс ризикува да ја прејде границата зад која дипломатите веќе не ќе можат да направат ништо“. Тој повтори дека Соединетите Држави биле воено подготвени ако Северна Кореја направи, како што рече, „погрешен избор“.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG