Достапни линкови

Трамп - Ќе се справиме со Северна Кореја


Севернокорејската државна телевизија денеска објави дека Северна Кореја успешно тестирала нов тип интерконтинентална балистичка ракета која можела да достигне до целата територија на САД. За денеска е закажан итен состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации.

Ракетната проба која била одобрена од севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун е прва од средината на септември годинава.

„Системот Хвасонг 15 е интерконтинентална балистичка ракета со супер голема тешка боева глава која е способна да го нападне копното на САД“.

Севернокорејската телевизија соопшти дека новата моќна ракета достигна надморска височина од околу 4.475 километри што е за 10 пати повисоко од Меѓународната вселенска станица. Таа за 53 минути летала околу 950 километри.

Ракетата, која паднала во рамките на јапонската ексклузивна економска зона на Јапонското Море, според Пентагон, не претставувала закана за Соединетите Држави и сојузниците.

До пробата дојде една недела откако американскиот претседател Доналд Трамп ја врати Северна Кореја на листата на земји кои го поддржуваат тероризмот, со што му се дозволува да наметне дополнителни санкции против Пјонгјанг.

Трамп откако беше информиран за ракетната проба изјави:

„Како што веројатно сте слушнале, а некои и известивте, ракета била лансирана пред извесно време од Северна Кореја. Јас само ќе ви кажам дека ќе се погрижиме за тоа. Ние го имаме тука во собата генерал Матис и имавме долга дискусија за тоа. Тоа е ситуација со која ќе се справиме“, рече тој.

Американскиот секретар за одбрана Џим Матис, потврдувајќи го лансирањето на ракетата, изјави:

„Таа отиде повисоко искрено од кое било лансирање што го презеле. Тоа е истражувачки и развоен напор од нивна страна да продолжат да градат балистички проектили кои во основа можат да се закануваат насекаде во светот“, рече тој.

Северна Кореја спроведе десетици тестови на балистички проектили под Ким Џонг Ун, спротивно на меѓународните заложби и санкции. Трамп вети дека нема да дозволи Северна Кореја да развие нуклеарни проектили кои можат да го погодат копното САД.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG