Достапни линкови

САД: Не бараме војна со Северна Кореја, ама...


САД го предупредија режимот на Северна Кореја дека ќе биде „целосно уништен“ во случај на војна. До ова дојде откако Пјонгјанг ја лансира најнапредната интерконтинентална балистичка ракета, која може да достигне и до Соединетите Држави.

Администрацијата на Трамп во неколку наврати изјави дека сите опции се наоѓаат на маса во справувањето со балистичката програма и нуклеарното оружје на Северна Кореја, вклучувајќи ги и воените, но дека се уште претпочита дипломатска опција.

Сепак, зборувајќи на вонредна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации, американската амбасадорка Ники Хејли предупреди:

„Никогаш не баравме војна со Северна Кореја, и денес не го бараме тоа. Ако дојде до војна, тоа ќе биде поради продолжените агресивни дејства на какви што бевме сведоци вчера. И ако дојде војната, не правате грешка, режимот на Северна Кореја ќе биде целосно уништен“, рече таа.

Хејли рече дека САД побарале од Кина да го прекине снабдувањето со нафта на Северна Кореја, драстичен чекор на кој Пекинг, соседот на Северна Кореја и единствениот главен трговски партнер, досега се воздржува.

На состанокот Кина и Русија повикаа на воздржаност од двете страни.

Тие побараа САД да се воздржат од одржување воени вежби во идниот месец бидејќи тој потег би можело да ја разгори веќе експлозивната ситуација.

Претходните администрации на САД не успеаја да ја спречат Северна Кореја да развива нуклеарно оружје и софистицирана ракетна програма.

Трамп, откако дојде на власт во јануари, исто така, се бори да го заузда Пјонгјанг.

Досегашните две стратегии, апелите до Кина да го искористи своето влијание врз Пјонгјанг и најавите за дополнителни санкции против Северна Кореја, досега не вродија плод.

Најновата ракета беше лансирана една недела откако Трамп ја врати Северна Кореја на листата на земји за кои Соединетите држави велат дека го поддржуваат тероризмот.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG