Достапни линкови

Владата без реализација на дел од ветувањата


Премиерот Зоран Заев и членови на владата.

Владата не исполни дел од ветувањата за кои најави дека ќе бидат започнати или реализирани до крајот на 2017 година. Според експертите, тоа се должи на лошото планирање, но и на ситуацијата во која се наоѓаше земјата во изминатиот период.

Поврат на ДДВ на граѓаните, решавање на проблемот со загадувањето, изградба на нов студентски дом, стопирање на изградбата на рудници на југоистокот, укинување на максималната горна граница за плаќање на придонеси на плати, зголемување на социјалната помош и укинување на поднесувањето на даночна пријава. Ова се дел од ветувањата кои иако беа најавени Владата се уште не ги реализирала.

Александар Цветкоски од невладината Агтис која се занимава со анализа на ветувањата на политичките партии, вели дека проблемот е во непознавањето на конкретната ситуација во земјата.

„Секоја влада наследува работа од некоја претходна влада и не ја знаат потполно ситуацијата и како стојат работите. Затоа многу често се формираат влади во сенка кои треба за време на една влада да ја следат нејзината работа и кога ќе дојдат на власт веднаш да продолжат. Кај нас, за жал, имаме тешки прекини и непостоење континуитет во тој поглед, заради самата политичка ситуација и повеќе заради нашиот менталитет. Како и да е, ние во Македонија многу слабо планираме“, вели Цветкоски.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу смета дека во секој случај ветувањата треба да се одржуваат и оти граѓаните не треба да им простат на политичарите кога нешто нема да исполнат.

„Но, од друга страна реално од минатиот декември до сега на Македонија и се случуваат многу работи кои временски имаа влијание врз можностите нешто да се сработи. Да не заборавивме ние го поминавме 27 април, целата процедура за формирање на новата Влада, локалните избори. Така што нивниот слободен простор за реализација на некои суштински промени беше прилично намален. Но, тоа не ги ослободува од обврската своите ветувања да ги спроведат“, посочува Муслиу.

Според Цветкоски во самата програма може да се види што е лага, а што може да се реализира. Не може Владата да се прави изненадена, додава тој за изградба на пример еден студентски дом, кога треба да знае што на тоа претходи. Цветкоски сепак смета дека работите се движат во нагорна линија, но не со посакуваната динамика, а проблем е и несоработката меѓу власта и опозицијата.

„Имаме еден тренд кој е погубен за политичкиот систем, а тоа е да имаме само црно и бело. Никогаш Владата да поддржи од опозицијата што е добро или заедно да тргнат некој закон или предлог што не е добар. За жал, уште многу вода ќе протече додека научат политичките партии да соработуваат затоа што тие забораваат дека тие се тука за граѓаните, а не ние за нив“, додава Цветкоски.

Владата за повеќето од нереализираните ветувања или посочи дека ќе бидат првите мерки со коишто ќе се занимава или дека ќе бидат започнати до крајот на годинава.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG