Достапни линкови

Судските предмети „местени“ кај судии


Прес-конференција на министерот за правда Билен Саљији.

Недоследна примена на АКМИС и непочитување на закони со што наместо случајна распределба на судски предмети се добивало очекуван избор на судија, покажува извештајот на работната група која досега изврши проверки на АКМИС во Врховниот, Апелацискиот суд и во Кривичниот суд.

Се делеле предмети на рака, често се менувал распореди за работа на судовите, секој претседател си носел свој распоред, системот АКМИС не се применувал доследно, не се почитувале закони, стотини предмети останале без судии, ова се само дел од забелешките нотирани во извештајот на работната група која досега изврши проверки на АКМИС во Врховниот, Апелацискиот суд и во Кривичниот суд. Министерот за правда, Билен Саљији, денеска го презентираше извештајот од проверките.

Презентирајќи го извештајот, министерот вели дека во Основен суд Скопје 1 Скопје, план за управување со движење на предметите бил донесен само во 2013, не се донесени внатрешни процедури за одделни процеси при управувањето со предметите, годишниот распоред за работа на судот во 2016 и 2017 е менуван често и не е испочитувана процедура за негово донесување. Во рок од речиси две години е менуван 10 пати, од кои само во септември 2016 е менуван три пати. Не се користел модулот за автоматска распределба, а распределбата се вршела рачно, со што 860 предмети останале без доделен судија. Забележани се и други прекршувања на законите и процедурите за работа.

Врховен суд не ги објавил на својата веб страна донесените упаства и заклучоци на работното тело за стандардизација на постапките во судовите и не се доставени со комисијата за стручно мислење на примена на судскиот деловник. Не било формирано работно тело за движењето на предметите во судот. Со промена на претседател на судот веднаш се носел нов распоред за работа и не се почитувани претходните планови. Министерот вели дека во 2017 годишниот распоред за работа на судиите бил сменет девет пати. Не се почитувала спецификацијата на судиите, па судии кои постапуваат во предмети од граѓанска тематика се распределувани во кривична и обратно, вели министерот. АКМИС се применувал според претходна применета рачна распределба и не е во согласност со деловникот, со што наместо случајна распределба се добива очекуван избор на судија.

Проверката во Апелациониот суд Скопје покажала дека основниот предмет се заведува во АКМИС, но не и сите дополненија на предметот. Останатите активности кои биле предмет на испитување се исполнети, вели министерот.

Целта на увидот е да се лоцираат недоследностите и да се корегираат, за да се воспостави професионалност и да се врати дигнитетот на судот, вели министерот.

Работна група ќе врши увид и во другите судови.

Проверката уследи откако во извештајот на експертската група на Рајнхард Прибе беше констатирано дека постојат индиции за злоупотреба на АКМИС, кој ги автоматизира и ги следи предметите од иницијалното отвoрање на предметот преку негово доделување, било да е кривичен, прекршочен или граѓански.

АКМИС системот претставува автоматизиран информационен систем за управување со судските предмети. Од 2010, АКМИСОТ е оперативен во сите 34 судови во Република Македонија, заменувајќи го рачното процесирање на предметите и овозможувајќи им на судовите да станат поефикасни и потранспарентни.

Прибе во неодамнешниот извештај пишува дека постојат кредибилни индиции дека во системот повремено се мешале одредени луѓе со цел да се осигура некои чувствителни предмети да паднат кај одредени судии. Слабоста на системот е што голем број на различни актери од Судскиот совет, Врховниот суд, претседателот на судот и министерот за правда делат одговорност за пристапот до системот вели Прибе и наведува неколку начини преку кои АКМИС системот се злоупотребува.

XS
SM
MD
LG