Достапни линкови

Се губи ли вистината во политичките лаги


Изборни плакати - 09.09.2016
Изборни плакати - 09.09.2016

Само со политичка култура и критичко размислување граѓаните ќе можат да разграничат што е аргументиран став, а што манипулација и спин во партиските соопштенија и контрасоопштенија.

Во пресрет на локалните избори во јавноста се забележуваат засилени активности во партиските штабови на владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Додека власта соопштува дека ги исполнува дадените ветувања, опозицијата во бројни соопштенија го тврди спротивното. Дали сето тоа тоа ќе ја делегитимира опозицијата или ќе го намали ефектот од политичката понуда на власта, зависи од тоа колку јавноста е писмена, велат експерти.

Додека СДСМ соопштува дека владата предводена од нивната партија ги исполнува ветувањата, како на пример, враќањето на дневната евтина тарифа на струјата, зголемувањето на пензиите или платите и оти со тоа ќе се намалат трошоците за живот на граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ излегува со контра соопштенија, наведувајќи дека тоа не е точно, односно дека со евтината тарифа цената на струјата ќе поскапи, дека нема да има пари за зголемувања на пензиите и платите и сл.

Ваквиот начин на комуникација и дејствување на политичката сцена во јавноста ги отвора прашањата дали повеќе ќе и наштети на власта или на опозицијата.

Ова се стандардни пораки и контрасоопштенија на прокламираните владини политики, тоа не е ништо ново во политичката комуникација и маркетинг во земјава, коментира комуникологот Марко Трошановски од Институтот за демократија „Социетас цивилис.“

„Од сето тоа, нешто е аргументиран став, нешто е политичка манипулација и спин, нешто е лажна вест, меѓутоа дали тоа ќе ја делегитимира опозицијата или ќе го намали ефектот од политичката понуда на власта, зависи од тоа колку јавноста е писмена, односно гласачите да препознаат кој ја дава веродостојната информација. На кројот ефектите или немањето ефекти од владините политики ќе ги осетат самите гласачи, но интерпретацијата на истите останува на електоратот и колку тој има политичка култура и критичко размислување да ги обмисли истите“, вели Трошановски.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу објаснува дека и спинувањето има реален домет до каде може да стигне. Тој вели, доколку дел од ветувањата на владејачката партија се исполнат и реално граѓаните ги осетат тогаш, како што вели, контрапродуктивно е да се оспорува нешто што е видливо и опипливо.

„Ако реално се намали цената на струјата или добиеме евтина тарифа, тоа не е нешто што вие можете да го спинувате, тоа граѓаните ќе го знаат. Теоријата на апсолутна негативност, кога вие приговарате за се, не секогаш е продуктивна и неретко е деструктивна и може да ви наштети. Според мене попродуктивен е пристапот каде ако нешто е добро направено треба да укажете, отколку кон се да се искажување негативно, бидејќи граѓаните можат тоа да го увидат“, вели Муслиу.

Во вакви услови улогата на медиумите е исклучително важна, додава Трошановски, но вели дека долгогодишното непрофесионално практикување кај голем дел од нив остава реперкусии во развивањето на критичко јавно мислење.

„Тоа преку ноќ не може да се подобри. Јас сум сигурен дека нашата јавност и граѓанство сериозно е оштетено од критичко промислување на политичката реалност и дека е потребно време тоа да се репарира, меѓутоа тоа значи дека медиумите треба да отпочнат повторно професионално да си ја вршат работата. Дали тоа ќе се случи, допрва ќе видиме. Во прв ред јавниот радиодифузен сервис, а потоа и останатите“, вели Трошановски.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG