Достапни линкови

БПЦ ќе помогне, но нема брзо решение на канонскиот статус на МПЦ


Архивска фотографија- Поглавар на Бугарската православна црква Неофит
Архивска фотографија- Поглавар на Бугарската православна црква Неофит

БПЦ на денешниот состанок на Светиот синод едногласно одлучи да помогне за канонскиот статус на МПЦ-ОА. Додека траеше состанокот, пред нивното седиште се собраа група луѓе да ја охрабрат БПЦ да одговори позитивно на барањето на МПЦ.

Бугарската православна црква го смета за своја света должност ангажманот да понуди целосна соработка, посредство и застапување пред помесните православни цркви, преземајќи сѐ што е неопходно за утврдување на канонскиот статус на МПЦ, во услови во кои таа ја признава БПЦ за своја црква - мајка. Ова едногласно го одлучи Светиот синод на Бугарската православна црква на неколку часовниот состанок што се одржа во Софија.

„Синодот на БПЦ на денешното заседание во комплетен состав го разгледа писмото од архиепископот на МПЦ, г.г. Стефан. БПЦ никогаш не била рамнодушна кон страдањата на Македонската православна црква, поради што се разговараше“, се наведува во соопштението објавено на интернет страницата на Бугарската православна црква.

Во него се информира и дека е формирана архиеререјска комисија за преговори со МПЦ и со останатите помесни православни цркви за воспоставување на канонски статус на МПЦ.

Собир за поддршка на БПЦ

Додека траеше седницата на бугарскиот синод пред неговото седиште на молчаливо бдеење се собраа потписниците на писмото за поддршка до БПЦ да го уважи барањето на МПЦ. На нив им се придружи и Красимир Каракачанов, вицепремиер и министер за одбрана на Бугарија. Во изјава за медиумите тој вели дека се собрале за да го охрабрат Светиот синод, бидејќи знаеле дека имало надворешен притисок против правилното решение. Тој додава дека излегле пред синодот за да му покажеле дека Бугарите одобруваат таква одлука.

Потписниците на писмото за поддршка до Светиот синод и патријархот Неофит наведуваат дека како на луѓе што долги години го следат проблемот со независноста на Македонската православна црква им било јасно дека бугарската патријаршија има основа категорично да ја поддржи „историската вистина за потеклото на возобновената како Македонска православна црква-Охридска архиепископија како и нејзиното егзархиско наследство“.

Бугарскиот патријарх Неофит, пак, пред почетокот на седницата на прашањето дали БПЦ ќе ја има силата да ја заштити МПЦ пред останатите православни патријаршии и дали ќе ја прифати „подадената рака од МПЦ“ одговори дека тоа е најмалку што може да се направи, „затоа што тие се наши браќа и наш народ, и ќе се стремиме да го зачуваме неговото единство“.

„Ако судиме по тоа како православните цркви ги решаваат нивните спорови, нашата претстава за брзо решавање не се совпаѓа со нивната и би било тешко да се нагаѓа со конкретен период, но да се надеваме дека тоа ќе биде многу побрзо од искуствата што постојат во досегашната историја“, вели Цане Мојаноски, универзитетски професор и поранашен претседател на Комисијата за односи меѓу верските заедници.

Секогаш има простор за подгревање тензии

Различните толкувања на пораките што стигнуваат од Софија, поврзани со црковните прашања секогаш може да подгреваат одредени дебати меѓу двете држави, а поврзани со идентитетските прашања, оценуваат упатените. Барањето на МПЦ-ОА за БПЦ да и биде мајка црква и очекувањето на одговорот од бугарскиот синод, се проследени повторно со вмешување и на другите прашања спорни меѓу Македонија и Бугарија како прашањето на нацијата или јазикот. Но, според Мојаноски, такви дебати е очекувано да има.

„Тоа не значи дека отворањето на ова прашање докрај ќе ги отвори тие теми, но во секој случај ќе затвори еден проблем кој повеќе од 70 години македонските верници, а повеќе од 60 години Македонската православна црква не може да го реши со Српската православна црква“, вели Мојаноски.

Светиот синод на Македонската православна црква - Охридска архиепископија на 9 ноември испрати писмо до Бугарската православна црква во кое бара од нив да бидат нивна црква-мајка ако ја признаат афтокефалноста на МПЦ-ОА.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG