Достапни линкови

Патријарх Неофит - Решението за МПЦ е сложено и треба добро да се осмисли


Бугарскиот патријарх Неофит

Решението за Македонската православна црква (МПЦ-ОА) се бара толку многу години, па затоа е сложено и треба многу добро да се осмисли, изјави денеска бугарскиот патријарх Неофит во одговор на новинарско прашање за тоа зошто толку долго се бара решение за МПЦ.

Тој забележува дека ова прашање треба многу добро да се осмисли, а решението да се донесе со мнозинство и сите православни цркви да имаат јасна претстава за прашањето за автокефалноста, што не беше разгледувано на минатиот Сеправославен собор на Крит.

На прашањето дали БПЦ ќе ја има силата да ја заштити МПЦ пред останатите православни патријаршии и дали ќе ја прифати „подадената рака од МПЦ“, бугарскиот патријарх одговори дека тоа е најмалку што може да се направи, „затоа што тие се наши браќа и наш народ и ќе се стремиме да го зачуваме неговото единство“.

Светиот синод на БПЦ денеска треба да го разгледува писмото што на 9 ноември му го упати Синодот на МПЦ-ОА, а во кое се бара бугарската црква да ѝ биде мајка на МПЦ-ОА ако ја признае нејзината афтокефалност.

Според најавите на бугарските владици, не се очекува брз одговор на БПЦ, туку ќе биде формирана комисија која ќе треба да ги информира останатите православни цркви и да го слушне нивното мислење за барањето на МПЦ-ОА.

XS
SM
MD
LG