Достапни линкови

Министрите на Заев прв пат одговараат на пратенички прашања


Новата влада ќе реферира пред пратениците во Собранието. Поради изборите седницата за пратенички прашања беше одложена. Покрај редовниот месечен термин, владата пред неколку месеци побара неделни пратенички прашања.

На пленарна седница во Собранието, владините министри денеска одговараат на прашањата од пратениците. Единствена точка на дневниот ред на седницата се пратеничките прашања, чиј редослед на поставување го утврдува претседателот на Собранието во договор со координаторите на пратеничките групи. Според воспоставената пракса, истото се прави на начин кој ќе обезбеди сооднос два спрема еден во корист на пратениците од пратеничките групи во опозиција и на пратениците во опозиција кои не се организирани во пратеничка група.

Инаку, седницата за поставување пратенички прашања почна да се одржува 100 дена по формирањето на Владата, но поради локалните избори таа беше одложена. Според Деловникот, седницата за пратенички прашања се одржува секој последен четврток во месецот, но овојпат е поместена за петок поради вчерашната заедничка седница на владите на Македонија и Бугарија во Струмица.

Собранискиот спикер Талат Џафери за денеска ги закажа и продолженијата на осмата седница на која требаше да се расправа за заменици на генералниот секретар на Собранието, како и дванаесеттата седница на која се останати два закона на предлог на опозицијата.

Досегашната пракса покажа дека терминот резервиран за пратенички прашања се користи за пофалби за работата на власта, а опозицијата честопати и не учествуваше на седниците. Тогашната опозиција, а сега власт, обвинуваше дека Собранието не ја контролира Владата, туку само ги исполнува желбите на раководството на ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку, освен редовните, кои се одржуваат еднаш месечно, премиерот Зоран Заев побара од претседателот на Собранието Талат Џафери, да се одреди и термин еднаш неделно Владата да одговара на пратенички прашања во траење од еден час. Џафери треба да го одреди времето и форматот на пратеничките прашања. Во писмото што Заев летово му го прати на Џафери се наведува дека владата се обврзала за поддршка на низа мерки со кои ќе се врати демократскиот амбиент во Парламентот. Се наведува и дека ќе соработуваат со опозицијата и ќе се погрижат надзорната функција на Собранието и собраниските тела над работата на Владата и нејзините безбедносни и разузнавачки служби да биде редовна и рутинска.

Последната седница за поставување пратенички прашања се одржа на 29-ти септември минатата година, односно непосредно пред распуштањето на Парламентот, поради одржување на декемвриските парламентарни избори, по што беше формирана новата Влада.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG