Достапни линкови

Царот е гол, ем шут, ем боде


Марија Грубор, психолог и граѓански активист, основачка на психолошко советувалиште за зависници „Првата Задруга на општествено- културни работници - Психоактив“

Имаме едно огромно буниште, а на него деноноќно к’ваат ли к’ваат, барајќи злато, едно чудо полуписмени Цареви и по некоја Царица, кои ем се голи, ем се шути, ем бодат, пишува Марија Грубор, психолог и граѓански активист, во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

...и тоа веќе горе-долу 25 години. Зошто толку? Па млада е Македонија, де. А и јас со неа, речиси врснички сНе. И имам целиот мој млад живот едно многу грозно чувство дека, знаете, сте чуле за déjà vu?

Батали. Прво, да ве запрашам нешто: дали може веќе да престанеме да зборуваме за Студентски пленум, Шарена револуција и сите подеми и падови на тн. граѓанско општество – па да се фокусираме конечно, малку на РЕАЛНОСТА?

As in: сега и овде. А, што имаме сега и овде?

Јас би рекла оти имаме едно огромно буниште, а на него деноноќно к’ваат ли к’ваат, барајќи злато, едно чудо полуписмени Цареви и по некоја Царица, кои ем се голи, ем се шути, ем бодат.

Важно: Денес (кога го пишувам ова) е крвав четврток, зашто утре е Црн петок, и младите тутуноберачки ќе бидат растрчани по шопинг молови.

Важно: Сцената е преполна, рефлекторите брмчат како рој лути оси. Сценаристот умре од глад, режисерот се крие во женското WC. Тонецот е полуглув, реално, ама немаше кој.

Важно: Дневнополитичките војни се водат пред очите на Народот, кој малку збунето, малку настинато шлапка во крвта насобрана до глуждови, зашто се затнала канализацијата во Колосеумот.

Важно: Меѓусоседски односи, Историјата и Името, додека во Државна болница ти е поисплатливо да умреш отколку да дочекаш возилото на Брза помош да ги прелета на магичен тепих паркираните возила.

Важно: Сцената се испразни. Останаа неизбришливи дамки од пот, солзи и крв на штиците кои живот значат. Актерите ќе ги најдете во најблиската биртија, во болница (магичен тепих) или едноставно спакувани во сопствениот куфер – се кријат од Себе.

А сметката?

Кој тоа на крајот онаа сметката ќе ја плати, дами и господа, што би рекол другарот Дерала?

Младината ваша сакана и ценета, разбира се.

Еден ден – можеби тоа беше вчера – можеби ќе биде утре – ќе дојде келнерот и ќе рече „Zahlen Sie, bitte“. А јас ќе му речам „Нека, пајакот од лебот ќе ја изеде мувата од супата“.

Македонија, колку и да знае да биде како шугав пес понекогаш, ја сакаме зашто, тоа е, почвата нејзина корените ни ги напојува со бистра вода и јаворов лад.

Арно ама – Македонија, другари, како што веќе знаеме, не се сака со трето дете.

Македонија не се сака со останување овде засекогаш за да додеваш на други со тоа колку ни е „семката“ скапана, додека бадијалџиш низ етерот.

И Македонија не се сака со фалбаџиство, општонародно солење и биберење манџи и слични такви будалаштини, што би рекол мојот драг професор Н. Чаусидис.

Македонија се сака сал со работа и тоа со внимателна, умна и трпелива работа, од која корист ќе имаат не само сегашните млади и стари, туку и сите оние наши напатени потомци кои моментално не можеш да ги замислиш оти човечкиот когнитивен апарат не може дотаму да досегне во својата фантазија.

Е баш така.

Сега засега поздрав, а за поправен елате пак во јуни!

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG