Достапни линкови

Колку ќе не чини членството во НАТО?


Митко Арнаудов, уредник на надворешната рубрика во магазинот Српска економија.
Митко Арнаудов, уредник на надворешната рубрика во магазинот Српска економија.

Реалноста е сосема различна, тешка, а многу често и неиздржлива. Всушност не знаеме ниту колку е битно прашањето за членство во НАТО доколку секојдневието ни е исполнето со празни џебови, пишува Митко Арнаудов, уредник на надворешната рубрика во магазинот Српска економија, во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

По формирањето на новата реформа влада во скопската чаршија се почесто се зборува за членството на македонската држава во НАТО. Иако се чинеше дека овој процес е долгорочно блокиран, работите брзо тргнаа во посакуваната насока. Навистина чудно. После одржувањето на локалните избори, кои беа оценети од страна на меѓународните набљудувачи како демократски и фер, интегративните процеси во Република Македонија добија уште посилен ветер во грб.

Грчкиот министер за надворешни работи предвидува изнаоѓање решение за спорот со името во текот на првата половина на 2018 година, додека потпретседателот на Владата Бујар Османи најави дека локалните избори всушност претставувале своевиден референдум на кој граѓаните дале легитимитет на новата влада да отпочне процес на пронаоѓање на конечно решение со властите во Атина. Таквиот став, на еден од клучните функционери во ДУИ, кој можеби коректно, или можеби извадено од контекстот го интерпретираа македонските медиуми, предизвика големо влијание во македонската јавност. Одеднаш се размислуваше во насока дека сепак македонските граѓани нема да бидат прашани за евентуалната промена на уставното име. Не дека тоа не го работеа и претходните власти, односно водеа преговори за името далеку од очите на јавноста, но сепак барем од оваа влада ред е да се очекува целосна транспарентност.

Таквите текови во македонската политика на меѓународен план сепак не враќаат назад во некои периоди од деведесеттите. И тогаш клучното прашање за македонското позиционирање во меѓународните и регионални институции беше спорот со Атина околу уставното име. Денес, и во текот на последните десет години, иако постојано се говори за неисполнување на Копенхагенските критериуми од страна на властите во Скопје, сепак мораме да признаеме дека внатрешните проблеми со кои се соочува оваа држава не успеваат да генерираат какви било регионални проблеми. Па дури и во однос на проектот Скопје 2014. Точно е дека овој проект отвори бројни котроверзии и негодувања од страна на властите во Софија и Атина, меѓутоа и сами знаеме дека фактичката состојба е сосема различна. Ниту една досегашна македонска власт немала намери да го загрози политичкиот, националниот и територијалниот интегритет на која било соседна држава, иако се почесто сме сведоци на палењето на македонското знаме во државите од непосредно соседство.

Актуализирањето на прашањето со името повторно ги разбранува и политичарите во Атина. И покрај тешките економски и финансиски услови со кои се соочуваат граѓаните на Грција, сепак за грчките политичари и понатаму приоритетно егзистенцијално прашање е спорот за името. Чудно, но вистинито и традиционално за нашиот регион.

Од друга страна никој не знае што за регионот ќе претставува евентуалното членство на Република Македонија во НАТО. Дали тоа треба да значи дека конечно е завршено со мечтаењата за големата Албанска држава? Како на таквите нови околности ќе се однесуваат властите во Белград, имајќи во предвид дека Србија со парламентарна декларација себе си се вброи во воено неутралните држави? И дали евентуалното македонско зачленување во НАТО навистина ќе води во насока на долгорочна стабилизација на регионот или сепак се работи за уште една престижна титула без никаква ефективност во секојдневниот живот?

Од другата страна економските прашања по којзнае кој пат остануваат отворени. „Реформските процеси“ течат, се предвидува зголемување на платите и пензиите, вратена е евтината тарифа на струјата, но се чини дека граѓаните и понатаму не успеваат да врзат крај со крај. Економските самити сè почесто се на агендите на овдешните политичари но сето тоа, барем до сега, останува на декларативно ниво.

Реалноста е сосема различна, тешка, а многу често и неиздржлива. Всушност не знаеме ниту колку е битно прашањето за членство во НАТО доколку секојдневието ни е исполнето со празни џебови. Желбите се една работа, додека реалноста сосема друга. Регионалната интеграција и понатаму претставува само добра желба, додека безкурпулозната и макијавелистичка конкуренција помеѓу државите во регионот и понатаму претставува единствен генератор на одржливоста на локалните политички елити.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG