Достапни линкови

Даночни реформи како вин-вин ситуација за бизнисот и државата?


Економските аналитичари се воздржани од коментари за ефектите од најавените даночни реформи, особено што Владата јавно не кажува кои конкретни мерки ќе бидат преземени.

Секое зголемување на трошоците за водење бизнис не е добредојдено во бизнис заедницата, но на најавените даночни реформи треба да се гледа како на вин-вин ситуација, вели првиот човек на Конфедерацијата на работодавачи, Миле Бошков. Имајќи го предвид државниот долг и оперативноста на буџетот, потребно е да се преземе одговорност од сите страни посочува Бошков.

„Ние како бизнис заедница, сме подготвени да преговараме со Владата и да објасниме до каде може и кое е нивото кое може да се прифати и издржи и во исто време очекуваме да имаме помош од Владата во пристапот кон регулаторната гилотиња, која секогаш ќе биде популарна и од која бенефит ќе имаат и бизнис заедницата и граѓаните. Во овој процес очекуваме вин-вин ситуација, односно даночна реформа со подигнати даноци, меѓутоа и намалени трошоци за водење бизнис на бизнис заедницата“, вели Бошков.

Од државата, стопанствениците очекуваат транспарентно и отчетно да ги троши јавните пари собрани од даноците, придонесите, таксите. Бошков не ја исклучува и можноста одредени фирми да го избегнуваат плаќањето даноци, односно да се појави даночна евазија.

„Варијантите и слабите точки на контролата секојпат ќе бидат искористени и тоа одговорно го тврдам, бидејќи знаеме дека самата перцепција особено во Македонија е дека има слаба фискална дисциплина, даночна евазија и дека и овојпат ќе се бараат такви варијанти. Но, затоа пак фискалната дисциплина, бизнис посветеноста, задржувањето на инвестициите најмногу зависи од довербата кон политичарите и нивното однесување во однос на јавните финансии, нивната транспарентност и начинот на спроведување на законите“, вели Бошков.

Економските аналитичари се воздржани во однос на коментарите за ефектите од најавените даночни реформи, особено поради тоа што никој од Владата јавно не кажува кои конкретни мерки ќе бидат преземени во таа насока. Сепак, општо познато е дека повисоки даночни стапки не секогаш имаат поголеми приходи во буџетот, особено ако се драстични зголемувањата на даночните стапки, бидејќи тоа повлекува поголема желба кај даночните обврзници за затајување на данок, вели економскиот аналитичар Слободан Најдовски.

„Измените во стапката на персоналниот данок на доход доколку одат нагоре кај сите вработени без разлика на нивото на платата, може да повлечат намалување на платите на работниците, што ќе има влијание врз потрошувачката, односно врз буџетот. Треба и да се види дали ќе се остварат оние најави кои беа во врска со висината на платата, односно границата од која ќе се зголемува стапката на персоналниот данок. Зошто ако ова важи само за оние кои зeмаат плата од 60.000 денари, а тие не се многу, тогаш се сомневам од ефектот кој ќе го има една таква измена“, вели Најдовски.

Според Најдовски препорачливо би било да има зголемување на даночната стапка само кај данокот на имот, зошто со тоа ќе се зголемат приходите на општините, што пак би значело намалена потреба од дополнителни средства од централниот буџет за финансирање на потребите на општините и во тој случај би останале повеќе пари во државната каса.

Од Владата, барем засега, не посочуваат конкретни мерки поврзани со даночните реформи. Најавените промени во даночната политика се напишани во предизборната програма на СДСМ. Дел од очекуваните промени се: зголемување на персоналниот данок на доход на 18 проценти за повисоките износи на приходи, ( стапката од 10 проценти за пониските износи останува непроменета) потоа укинување на максималната горна граница за плаќање за плаќање на придонеси на плата, односно укинување на регресивното даночно оптоварување кај платите, повисок данок на имот за најбогатите, посилно оданочување на луксузот, враќање на дел од ДДВ за секој граѓанин итн.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG