Достапни линкови

Проблемот со загубарите да не се става под тепих


Архива - Протест на вработените во фабриката Еурокомпозит во Прилеп

Не може да се дозволи од државниот буџет да се сервисираат платите на компаниите кои бележат загуби, велат експерти. Според нив, потребно е овие компании да се развиваат со подобра технологија и да се разгледа опцијата за формирање на јавно - приватно партнерство.

Агонијата на загубарите „ОХИС“, „ЕМО“, „Еурокомпозит“ – Прилеп и „Тутунски комбинат“ - Прилеп може да се реши со стечај и нивно затворање, но најдобро ќе биде доколку државата понуди поволни услови тие да преминат во сопственост на некои заинтересирани приватни инвеститори, велат економисти. Тие сметаат дека прашањето може да се реши преку реорганизирање на компаниите со одреден пазарен концепт.

Проблемот со загубите во овие компании е присутен со години, а коментарите на експерти доаѓаат по одлуката на Владата од крајот на минатиот месец преку Министерството за внатрешни работи (МВР) да обезбеди една плата за вработените во „Еурокомпозит“, односно сума од 10 милиони денари.

„Оваа интервенција или одлука на Владата, колку и да изгледа добра за вработените во оваа компанија, сепак не може да се дозволи од државниот буџет да се сервисираат и платите на овие компании, па дури и во компаниите каде државата е доминантен сопственик“, вели универзитетскиот професор Зоран Ивановски, додавајќи:

„Мислам дека ваквите буџетски мерки не би биле прифатени ниту од релевантните меѓународни финансиски институции кои обично ја следат и фискалната трансарентност и функционирањето на државните буџети“, вели Ивановски.

Тој потсетува дека пред седум - осум години тогашната Влада ги подготвила сите документи за компаните да бидат продадени на евентуално заинтересирани партнери и, според него, тоа е едниствениот начин за решавање на проблемот.

„Пазарната економија не кореспондира со начините на државна интервенција и на финасирање на компаниите кои генерираат загуби, бидејќи тоа ништо нема да реши, туку се работи само за одлагање или криење на проблемот под тепих“, вели Ивановски.

Економистот и претседател на Бизнис-конфедерацијата на Македонија Миле Бошков вели дека компаниите од една страна генерираат социјален, а од друга стратешки проблем. Според него, потребно е да се разгледаат можностите компаниите да бидат развиени со подобра технологија и процеси.

„Треба да видиме дали е од интерес на државата да почне да се размислува да се формира концепт на јавно-приватно партнерство и тие компании навистина да можат да бидат управувани со јавен и приватен капитал и нормално врз принципите на отчетност и транспарентност и врз принципите на добро управување. Штета е пред сè репутациски и од социјален аспект овие компании да се затворат“, вели Бошков.

Тој во насока на компаниите кои бележат загуби наведува дека се појавува друг проблем, односно долговите на јавните компании, кои како што вели, не се претставени како загубари.

„Можеби не ги претставуваме како загубари, меѓутоа откако ќе видиме колку пари должат по основ на данок и социјални придонеси, тогаш веќе тие компании ќе треба да размислуваме дали се рентабилни и дали ќе ги ставиме во групата на загубари или не. Од типот на „Македонија пат“, „Македонски шуми“ и други јавни компании кои се најголемите должници во Македонија“, вели Бошков.

Во однос на системските решенија на компанијата Еурокомпозит, премиерот Зоран Заев минатиот месец се сретна со претставници на синдикатите. Тој истакна дека ја разгледуваат можноста егзистенцијалното прашање на вработените во Еурокомпозит да се реши преку Законот за материјално обезбедување невработени лица поради приватизација на претприајтијата со сопственост на државата.

Исто така, наведуваат од Владата, се разгледува можноста за обезбедување средства за набавка на репроматеријали за да се овозможи производство во компанијата и можноста државата да помогне во обезбедувањето услови Еурокомпозит да остане во државна сопственост и да продолжи да функционира.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG