Достапни линкови

Кумановско ЈП „Пазаришта“ не работи домаќински


Архивска фотографија - Зелен пазар во Куманово.
Архивска фотографија - Зелен пазар во Куманово.

Општинските советници во Куманово забележуваат дека локалното претпријатие „Пазаришта“ работи со загуба, а троши пари за репрезентација и за донации. Директорот без конкретни објаснувања каде и за што се „фрлени“ тие пари.

Ако до пред неколку години локалното Јавно претпријатие „Пазаришта“ во Куманово бележеше само позитивни финансиски резултати, а работата на тогашниот менаџерски тим оставаше поубава слика, сегашната состојба е сосема поинаква, забележуваат советниците во општинскиот Совет. Загубите и грдата слика на двата зелени и едниот добиточен пазар укажуваат дека не се работи домаќински, особено што околу три илјади евра последните три месеци се потрошени на репрезентации и некакви донации, што е 25 отсто од вкупната загуба прикажана во извештајот.

Директорот Илир Саити, пак, без конкретни објаснувања каде и за што се „фрлени“ тие пари, се обидува да се оправда дека објективните околности се главната причина за негативните резултати.

„Донации и репрезентации даваат или би требало да даваат претпријатија кои што работат со добивка. Но, оној кој што е во континуитет во загуба, не ми е јасно навистина и не можам да разберам“, вели Драган Петковски советник од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој додава дека и за 2017-та година се предвидени околу 700 илјади денари за иста намена, што значи дека тоа е повеќе од веќе потрошените.

Иако директорот Саити се обидува да ја „избрка мувата од глава“, сепак вели дека писмено ќе им објасни на советниците за потрошените пари.

„Ако едно претпријатие искажува загуба во континуитет во догледно време нема шанса да се извлече од загубар. Претпријатие кое е во загуба воопшто не смее да има ставки за донации и репрезентации и не е точно дека трошоците по тој основ значително се намалени, туку се зголемени. И претпријатија кои не се во загуба треба да имаат ограничувања за издвојување средства за репрезентации“, реагира Мирослав Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Иако менаџерскиот тим се труди претпријатието да го извлече од загуба, како што вели директорот, сепак во однос на претходната, оваа година загубата е поголема“, забележува и Драги Караџински од ГРОМ.

Советникот Скендер Алии од ДУИ смета дека резултатите на ова и на останатите јавни претпријатија се проекција на севкупната тешка економска состојба на граѓаните, чија што куповна моќ секој ден е се помала.

Максим Димитриевски од СДСМ додава дека и во државава јавните претпријатија се претворени во најголеми загубари, а не како претпријатија со суштинска намена да бидат во функција на граѓаните. Тој забележува и на изгледот на трите пазари, за што инспекциите треба повеќе да се зафатат со работа.

И покрај бројните забелешки и критики за работата на ова, но и на дел од останатите јавни претпријатија кои покажуваат загуби, извештајот на ова претпријатие е усвоен. Исто така усвоена е и смената на претседателот на Советот, бидејќи Максим Димитриевски ќе биде пратеник во Собранието на Македонија, а во иднина со Советот ќе претседава Саша Арсиќ, исто така од СДСМ.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG