Достапни линкови

Начини и пречки за предавањето на Грујевски и Бошкоски


Потерниците од МВР за Никола Бошкоски и Горан Грујевски.
Потерниците од МВР за Никола Бошкоски и Горан Грујевски.

Екстрадицијата на двајцата поранешни функционери во УБК Горан Грујевски и Никола Бошкоски од Грција во Македонија ќе се одвива во рамки на Европската конвенција за екстрадиција. Министерството за правда почна со собирањето на потребната документација.

Министерството за правда ја почна постапката за собирање на потребните документи за барањето за екстрадиција на Горан Грујевски и Никола Бошкоски, двајцата поранешни високи службени во Управата за безбедност и контраразузнавање. Тие беа приведени во Солун, со како што објавија дел од медиумите, лажни идентитети во обид да се качат на авион од тамошниот аеродром и да ја напуштат земјата.

Македонија и Грција немаат потпишано договор за екстрадиција, а таа како што информираат од Министерството за правда, ќе се одвива во согласност со Европската конвенција за екстрадиција.

Портпаролот на владата Миле Бошњаковски вели дека не очекуваат проблеми при предавањето на бегалците.

„Очекувањата се дека сите меѓународни договори и меѓународни стандарди за вакви случаи ќе бидат испочитувани во редовна постапка и во редовно предвидениот рок“, вели Бошњаковски.

Роковите до кои Министерство за правда треба да ги собере потребните документи и да ги прати во Грција веќе течат. Во законот за меѓународна соработка во кривична материја се наведува дека „барањето за екстрадиција и потребните списи се доставуваат во рок кој не може да биде подолг од 40 дена од денот на донесувањето на решението за притвор заради екстрадиција“.

Двајцата се од вчера во притвор во Грција, а дотогаш, според законот, домашниот правосуден орган кој распишал меѓународна потерница, целокупните списи во оригинал или заверени копии заедно со барањето за екстрадиции треба да ги достави до Министерството за правда, кое понатаму ги праќа до надлежните во Грција. Во овој случај документите треба да ги подготви Апелациониот суд кој во јули изрече наредба за спроведување во притвор на Бошкоски и Грујевски.

Константин Кизов, поранешен претседател на Советот на јавни обвинители, вели дека не очекува проблеми при прибирањето на документацијата.

„Судот е должен на барање на Министерството да ги достави сите докази со кои располага до тој момент. Јас мислам дека нема да се прави опструкција за тие да не бидат доставени во предвидениот законски рок“, вели Кизов.

Покрај овие документи Македонија во Грција треба да испрати и официјално барање за екстрадиција, наредба за спроведување на истражна постапка, обвинителен предлог или обвинителен акт, решение за притвор, наредба за издавање меѓународна потерница и извод од текстот на Кривичниот законик на Република Македонија.

Но и покрај доставувањето на документацијата, Грција може да одлучи да не ги екстрадира во Македонија. Европската конвенција која е ратификувана во македонското собрание во 1999 година, а во Грција во 1957 година кога и е донесена, предвидува земјата да одбие да екстрадира некого, ако се работи за политички кривични дела. И двајцата бегалци при првото излегување пред истражен судија, како што јавија грчките медиуми, побарале да не бидат екстрадирани, бидејќи стравуваат за својот живот и биле жртви на политички прогон.

„Не верувам дека Грција ќе прави проблеми за екстрадиција ако имаме доволно докази за тоа дека тие треба да бидат екстрадирани во Македонија“, вели Кизов.

Инаку, европската конвенција предвидува сите земји членки на Советот на Европа да соработуваат за предавање на лицата кои ги бара една земја членка, а се пронајдени на територијата на друга.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG