Достапни линкови

Медиуми - Истраги, апсења и пари за реклами


Медиуми ја објавија веста дека ќе се урива споменикот на Ќосето.

Сите медиуми ги објавија вестите дека двајца функционери на власта се дел од истрага за корупција и дека е уапсен поранешниот градоначалник на Ѓорче Петров. Дел медиуми забележуваат што СДСМ се рекламирале во ТВ Сител.

Во една колумна во Слободен печат, објавена и на порталот Плусинфо се чита остра критика за СДСМ и нејзиниот лидер, сега премиер, Зоран Заев затоа што пред неодамнешните локални избори дале пари за рекламирање на ТВ Сител, позната инаку како медиум со долгогодишна отворена поддршка на Груевски и неговата партија. Авторот го повикува Заев „да се потруди да си ги скурдепса апологетите и да ги исклучи ’дробилиците‘ зашто така ќе си го потврди личниот демократски капацитет во кој не се сомневам“, вели авторот на текстот.

Вечер го користи постот на новинарот Насер Селмани, претседател на Здружението на новинари на Македонија, кој на својата ФБ страница постирал дека „Македонците гласаа како што им нареди полициската држава, кај Албанците победи заробената држава“, за да искоментира дека „докажаниот и голем поддржувач на СДСМ и на припадниците на шарените револуции сега одеднаш стана во одбрана на етничките интереси на македонските Албанци кои, според Селмани се жртви на изборниот инженеринг токму на СДСМ“.

Сите медиуми ја објавија изјавата на премиерот Заев дека „Двајца членови на Владата се под истрага за корупција за кои истрагите биле отворени по пријави од граѓани“. Порталот Фокус ја објави реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ која во соопштение прашува: „Од каде знае Заев дека се водат истраги кога тие треба да се тајни? Со ова покажува дека е во спрега со обвинителството и со судството“.

Исто така сите медиуми ја објавија и веста за апсењето на поранешниот долгогодишен градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ на Ѓорче Петров, Сокол Митровски. Слободен печат објави дека судот определил домашен притвор за Митровски и неколкутемина негови соработници, а Вечер дека се товари за злоупотреба на службената положба дозволувајќи пренамена на општинско земјиште и дозвола тоа да се продаде за 1 евро од м2.

Нова Македонија информира дека во средата во Апелацискиот суд е водена јавна расправа за тоа дали снимките од прислушуваните разговори ќе можат да се користат како доказ во Случајот на СЈО „Тендери“ во кој е обвинета поранешната министерка за култура Канчевска Милевска за тендерот за градежните работи во Музејот на ВМРО од проектот „Скопје 2014“. Нова Македонија, исто така, објави дека „Кривичниот суд ја достави до Министерството за правда за натамошно постапување документацијата за екстрадиција на поранешните началници на УБК, Грујевски и Бошкоски од Грција каде што беа уапсени од полицијата поради користење лажни патни исправи“.

Пишаните и електронските медиуми ја објавија веста дека „Ќе се урива споменикот на Ќосето“, како што наслови Вечер, затоа што е дивоградба и е подигнат на узурпирано земјиште што му припаѓа на Судот.

Информацијата за одлуката за стечајна доверителите на Комбинатот Фени, Комерцијална и Стопанска банка и Силк Роуд, на кои инаку им должи 40 милиони евра, порталот Република ја објави со наслов: „Донатори на СДСМ одлучни да го преземат Фени. Стечајниот управник пријател на Заев“.

Инаку, по информациите дека еден од кандидатите за нов министер за здравство е Зијадин Села, кој, пак, изјавил дека не сака да биде министер во Владата на Заев, Слободен печат и Нова Македонија ја објавија изјавата на Заев: „За идната соработка во владината коалиција ќе се разговара следните денови – откако ќе слегне прашината и сите ќе бидат со ладни глави“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG