Достапни линкови

Владата не открива како доделува бесплатни простории на здруженија


Министерот без ресор, задолжен за дијаспора Едмонд Адеми
Министерот без ресор, задолжен за дијаспора Едмонд Адеми

Одлука за доделување на просторот на новото здружение на децата бегалци ќе се донесе откако ќе заврши процедурата, изјави министерот Адеми. Според него паралелата на ова здружение со Здружението од Лерин е неоправдана.

Владата на вчерашната седница не донесе одлука за доделување на простории на новото здружение на децата бегалци, изјави министерот задолжен за дијаспора Едмонд Адеми, откако во јавноста предизвика негативни реакции информацијата дека здружението е веќе регистрирано на истата адреса во трговскиот центар во Скопјанка. Адеми истакна дека одлука треба да биде донесена откако ќе завршат процедурите во Агенцијата за управување со имотот и јавниот простор.

„Одлуката за доделување на просторот на друга организација ќе се донесе откако Агенцијата за управување со имотот ќе помине низ управниот одбор на самата организација, изјави Адеми.

Во меѓувреме Владата на седницата го одзеде овој простор кој претходната влада му го даде на здружението, кое во јавноста стана познато по донациите на споменици во рамки на проектот Скопје 2014.

Сепак освен прашањето како новата организација веќе се регистрирала на истата адреса, дискутабилно е и врз основа на кои критериуми некои здруженија може да добијат простории од Владата. Здружението на децата бегалци, има подарено споменик во Паркот жена борец.

На прашање дали треба да се донира споменик за да се добијат простории, Адеми рече вели дека паралелата меѓу двете организации е неправедна.

„Не треба да се стави знак на равенка помеѓу Здружението на деца-бегалци, кое постои 30 години, и здружение кое имало друга цел, а не ја знаеме. Неблагодарно е и непочитување е да ги третираме исто како што ги третираме и овие другите“, рече Адеми.

Адеми наведе дека Владата ја поништила одлуката со која во ноември 2015-та година простор во Трговскиот центар „Скопјанка“ им бил доделен на Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин во Македонија.

Овие простории, што до 2011 година ги користело Здружението на децата бегалци, како што рече министерот Адеми, од 2011 година до денес се празни и не се користат.

„Утврдивме дека ова Здружение, ниту се вселило во новите простории, ниту пак има промена во делот на користењето. Практично тие простории од 2011 година кога Здружението на децата бегалци е избркано од таму, стои празно. Бидејќи Здружението следната година ќе ја организира петтата Светска средба на децата бегалци, тие побараа помош и поддршка за да може да имаат простор каде ќе ги реализираат тие активности и јас како министер реков дека ќе помогнам за да им овозможиме нормално функционирање и реализација на предвидените активности“, рече министерот Адеми.

Тој додаде дека новото здружение на деца бегалци кое е формирано пред месец ипол, е старо-нов правен субјект зашто постоело 30 години. Тие постоеле во форма на повеќе здруженија, а сега се здружуваат во едно. Како нов правен субјект тие се регистрирани на просторот во трговскиот центар Скопјанка.

Претходната влада овој простор го имаше дадено на трајно бесплатно користење на Здружението за духовно обединување на Сетинци-Попадинци и Крушоради од Лерин, кое во јавноста е познато по тоа што на градот му подари неколку споменици, меѓу кои и споменик на Андон Лазов Јанев-Ќосето, што предизвикуваше контроверзи во јавноста околу неговата улога во македонската историја.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG