Достапни линкови

Партиите ги мобилизираат гласачите


Архивска фотографија - Државната изборна комисија (ДИК) го достави доверливиот изборен материјал до општинските изборни комитети, за локалните избори.

На полноќ почнува изборниот молк, а в недела ќе се гласа во 35 општини. Аналитичарите препознаваат неколку промени во партиската кампања меѓу двата круга наменети за мобилизација на гласачите.

Две клучни промени детектираат политичките аналитичари во односот и кампањата на партиите меѓу двата круга за локалните избори. ВМРО-ДПМНЕ почнаа со посериозна негативна кампања кон СДСМ, па зборуваат за населување мигранти, за тоа дека владата била против македонштината, работела против државните интереси, а дека спроведуваат полициски хајки кон членовите на нивната партија.

СДСМ, пак, влезе во локални коалиции со ДУИ, отворено застанувајќи зад нивните кандидати. Претседателот на партијата Зоран Заев ги споменува своите коалициони партнери Зијадин Села од Алијансата за Албанците и опозициската Беса за коалицијата што ја направија на локално ниво, па зборува и за нивна соработка со ВМРО-ДПМНЕ.

Според Никола Дујовски, професор на универзитетот Свети Климент Охридски, партиите се одлучија да активираат поинаков тип на кампања затоа што и очекувањата се дека во вториот круг помала е заинтересираноста на гласачите. Советите на општините се веќе избрани, исто како и градоначалник на Скопје, па и во шесте скопски општини во кои ќе се гласа можно е да има помала излезност, вели Дујовски.

„Затоа и мислам дека ВМРО-ДПМНЕ почна засилено да води негативна и црна кампања кон СДСМ, не кон кандидатите за градоначалници, туку пред сè кон партијата и за прашања кои не се поврзани со локалните теми. СДСМ пак неоправдано засилен од резултатите од првиот изборен круг се обидува да даде поддршка на еден од владините партнери, ДУИ, но таа е малку изнасилена“, вели Дујовски.

И во партискиот блок на Албанците има промени меѓу двата круга, посочува Беса Кадриу од Универзитетот на Југоисточна Европа. Помалите партии се групираа за да не им се разлеат гласовите, а СДСМ и ДУИ се здружија, а дел граѓани некои од коалицирањата може да се сфатат негативно, па да одлучат да не гласаат, додава таа.

„Има две ситуации кои имаат и позитивна страна, но и страна која на дел од граѓаните можеби не влијае позитивно, бидејќи не очекувале коалиции на некој што до вчера биле жестоки противници“, вели Кадриу.

Инаку на полноќ завршува изборната кампања и почнува молкот. В недела ќе се гласа во 35 општини во кои право на глас имаат 833.710 граѓани. Во Скопје ќе се гласа во Бутел, Кисела Вода, Гази Баба, Сарај, Шуто Оризари и Чаир.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG