Достапни линкови

Паднаа бастионите на ВМРО-ДПМНЕ во Битола


Локални избори 2017- Гласање за градоначалник во Битола.

Петровска успеа да го победи својот противкандидат Илиоски во првиот круг со над 13 илјади гласови разлика. Од вкупно 118 гласачки места во градот, Петровска успеала да освои повеќе гласови, освен на две места. Од 51 избирачко место во селата, СДСМ и коалицијата, освоиле повеќе гласови во 42 села, а ВМРО-ДПМНЕ само во девет села.

Во битолската општина која години наназад важеше за бастион на ВМРО-ДПМНЕ, на овие локални избори оваа партија доживеа изборен дебакл. Од над 170 гласачки места во општината, кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Зоран Илиоски водеше само во единаесеттина, додека во останатите 160 повеќе гласови имаше кандидатката од СДСМ и сегашен градоначалник на Битола, Наташа Петровска.

Доколку се анализираат податоците објавени од Државната изборна комисија, тие покажуваат дека функционерите од ВМРО- ДПМНЕ не успеаја да освојат повеќе гласови дури ни во населбите каде што живеат во Битола. Така, на гласачкото место број 102 во основното училиште „Елпида Караманди“ каде што гласал Илиоски, кој воедно е и пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Наташа Петровска од СДСМ освои 101 глас повеќе од него. Избирачкото место 113 во Техничкото училиште во Битола каде што гласал досегашниот градоначалник Владимир Талески е меѓу местата рекордери по број на освоени гласови за Петровска во Битола. Добила 154 гласа повеќе.

Од вкупно 118 гласачки места во градот Битола, секаде Петровска успеала да освои повеќе гласови, освен на две места.

Битолчани велат дека ваквите резултати се последица на тоа што се наталожиле многу проблеми во секојдневното живеење во Битола.

„Знаете зошто е вака, затоа што во изминатите години Битола стана слепо црево.“

„Има многу проблеми, почнувајќи од образованието, па детските градинки, кои бараат итно реновирање, па и културата треба да е на повисоко ниво. Има многу проблеми.“

„Ги гледам школите во каква состојба се и какви се школските програми и очекувам големи промени во образованието.“

„Топлификација, стадион под Тумбе кафе, изградба на полигон, катни гаражи, изградба на железничката пруга, Копанки, покриен базен, се само дел од проектите кои останаа лажни ветувања.“

„Не може преку викенд да не работи градскиот превоз, па да не можеш да се симнеш во град ако немаш кола. Тоа е трагедија за еден ваков град“, велат битолчани.

На овие локални избори паднаа и бастионите на ВМРО-ДПМНЕ во руралните средини, односно селата во кои оваа партија, традиционално собираше многу гласови. Од 51 избирачко место во селата, СДСМ и коалицијата, со својот кандидат Наташа Петровска, освои повеќе гласови во 42 села, а ВМРО-ДПМНЕ само во девет села. На минатите локални избори, во 2013 година, ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг имаше повеќе гласови во 46 села, а СДСМ, само во 5.

Ниту еден глас за Зоран Илиоски, нема во битолското село Кишава, Злокуќани, а само еден во Меџитлија, каде за Петровска гласале 75 гласачи.

Од СДСМ изјавија дека ова е историски успех за нив во Битола зашто Петровска успеа да го победи Илиоски во првиот круг со над 13 илјади гласови разлика. Од ВМРО-ДПМНЕ по поразот не дадоа официјална изјава. Со ова во Битола за првпат по три мандати, локалната власт доаѓа во рацете на СДСМ и коалиционите партнери.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG