Достапни линкови

МВР - Апсурдни обвинувања за изборни нерегуларности од ВМРО-ДПМНЕ


Локални избори 2017
Локални избори 2017

ВМРО-ДПМНЕ неколку дена обвинува за пристисоци, поткуп и закани врз гласачи, како и за непостапување на МВР во ваквите случаи. МВР, пак, обвинува дека ваквите тврдења во јавноста се лажни и апсурдни.

Обвинувањата на опозицијата кои изминатава недела се адресираат до МВР за притисоци и закани врз гласачи од полициски службеници се апсурдни и неточни, се вели во писмениот одговор од оваа институција. Во него е наведено дека е лажно обвинението на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски дека актуелниот градоначалник на Гази Баба е следен од, како што вели тој, припадници на полициските Алфи.

„Целосна невистина е обвинувањето за некакво следење на кандидатот за градоначалник на Гази Баба. Целосни невистини се и другите наводи за кои прашувате, а се однесуваат на наводен притисок врз граѓани од Штип и Виница“, е наведено во одговорот.

Во однос на обвинувањата на Милошоски, а потоа и Крсте Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција дека во Штип имало случај на поткуп од активисти на владејачка СДСМ, од полиција велат дека таков случај е пријавен во полиција и дека во консултација со Основното јавно обвинителство во Штип, презеле мерки за расчистување на настанот.

„По преземените мерки и активности од страна на ОЈО Штип пријавата е отфрлена поради недостиг на докази. МВР е институција на сите граѓани на Република Македонија и нејзиното функционирање, како и професионалниот однос кон работата на секој припадник на министерството се исклучиво согласно Уставот и законите за внатрешни работи и за полиција“, одговорија од МВР.

Јовановски и Милошоски обвинија дека во изминатиов период институциите не се департизирани и дека нема разлика помеѓу државата и партијата, односно дека на терен во предизборието се гледа како институциите делуваат во корист на владејачката партија.

Според обвиненијата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кои неколку дена ги повторуваат, полицијата се ставила во функција на активистите на владејачката партија дозволувајќи поткуп, закани и притисоци кон населението и опозициските активисти.

„СДСМ ја злоупотребува државната и јавната администрација, каде вработените се под перманентен притисок од страна на директорите поставени од СДС. Такви случаи имаме во Новаци, во Кавадарци, Пробиштип, Македонска Каменица и во Штип. Притисокот не може да трае вечно. Еден ден сите кои ја реализирале оваа криминална агенда има да одговараат. Граѓаните не смее да бидат стиснати од јаремот на уцените“, изјави Јовановски.

Милошоски, пак, посочи дека има молк и игнорирање од страна на набљудувачките мисии ОБСЕ/ОДИХР и ги повика да ги осудат сите вакви појави на закани, изборна корупција и на изборен инженеринг.

Од друга страна, пак, МВР испрати демант до медиумите посочувајќи дека наводите на ВМРО-ДПМНЕ се неосновани, апсурдни и неточни, додавајќи во познатиот полициски стил дека се постапува согласно Уставот и законите.

Во изборната кампања опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинуваше и дека МВР незаконски го прислушува раководството на партијата. МВР ги отфрли таквите обвинувања, посочувајќи дека времето на злоупотреби на МВР за партиски цели заврши со промената на власта.

Во меѓувреме, ниту една од странските и домашните набљудувачи не ги потврдија наводите за злоупотреби за кои обвинува опозицијата, што не беше случај во претходните изборни процеси.

Од друга страна, пак, полицијата години наназад е обвинувана за злоупотреби во функција на политички пресметки и притисоци врз населението за време на избори.

Во текот на претходните изборни циклуси, тогашната опозиција СДСМ ја обвинуваше поранешната министерка Гордана Јанкулоска дека го злоупотребува МВР за партиски цели. Во една од објавените таканаречени бомби, СДСМ тврдеше дека се слуша како Јанкулоска признава дека партиски член пукал од огнено оружје, но во јавност тоа ќе го прикажат како гасен пиштол, како и признанието дека на еден кат во МВР работи и како кол центар на партиски штаб.

За изборни измами во претходните години Специјалното јавно обвинителство покрена и обвинение кон раководството на ВМРО-ДПМНЕ под име Титаник.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG