Достапни линкови

Големи ветувања, a празни каси


Граѓани на митинг за локалните избори 2017.

Кандидатите за градоначалници ветуваат многу проекти, иако дваесетина општини во земјава се соочуваат со блокирани сметки и празни каси. Експертите велат дека е илузорно да се верува дека ветувањата ќе бидат реализирани, па дури и со помош од донации.

Ветувања за нови градинки, паркови и училишта, гасификација, атмосферски канализации и ред други проекти кои чинат скапо. Кандидатите за идни градски татковци ветуваат многу, но нивната реализација станува проблематична тогаш кога дел од нив ќе сфатат дека општинските каси се празни, а сметките на некои општини блокирани. Во моментот 19 општини во државата имаат блокирани сметки, а трошоците за спроведување на локалните избори ќе им бидат покриени од Државната изборна комисија. Упатените велат дека новите градоначалници ќе имаат тешка задача да обезбедат пари за проектите кои ги ветуваат.

„Кандидатите за градоначалници не се сосема свесни што ги чека. Тие имаат една единствена цел. Тие се „макијавелисти“, нивната цел ги оправдува средствата. Преземените средства во моментот се само ветувања, дека ќе средат и поправат се, иако тоа не го направиле во претходните мандати. Некои од кандидатите се борат за трет мандат на пример. Затоа сметам дека народот ќе го каже последниот збор и ќе ги санкционира оние кои само ветуваат, а не реализираат“, вели професорот по локална самоуправа, Јонус Абдулау.

Проблем може да претставува и „зависноста“ на општините од централната власт, особено во општините каде победува градоначалник од друга политичка опција, велат познавачите на состојбите.

Професор Илија Тодоровски од Битолскиот универзитет вели дека е илузија да се очекува идните градоначалници да остварат сè што ветуваат во својата програма, пред сè поради ограничувањата на финансиски план. Сето тоа е маркетинг за да се дојде до фотелја, вели Тодоровски.

„Толку и такви ветувања и кај финансиски најсилните општини, не само оние со блокирани сметки, едноставно не може да се изведе, од проста причина што локалната самоуправа нема јаки финансии и можности за задоволување на своите потреби. Локалната власт за нешто е зависна и од централната власт, ама и таа сама по себе не носи претпоставки дека ќе ги задоволува нивните потреби, туку само ќе им помага на општините. Со други зборови, сите тие ветувања кои се дадени не можат да се остварат или пак можат само во еден помал дел“, вели Тодоровски.

Тој уверува дека пополнувањето на празните општински каси зависи и од способноста на градоначалникот да ја менаџира општината. Сепак, тоа е само едниот фактор, вели Тодоровски според кого, дури и донациите кои ги обезбедуваат градоначалниците не можат да ги решат сите комунални проблеми со кои се соочуваат општините.

На листата на ДИК засега се наоѓаат 19 општини кои имаат блокирани сметки: Куманово, Тетово, Охрид, Струга, Ресен, Берово, Делчево, Пехчево, Боговиње, Брвеница, Градско, Зрновци, Карбинци, Пластица, Ранковце, Сопиште, Чашка, Долнени, Старо Нагоричане. Министерството за финансии од Буџетот на Република Македонија на сметката на ДИК ќе префрли 30 милиони денари, кои понатаму ДИК ќе ги распореди на општините.

Покрај половина милион евра за овие општини, од државниот буџет според закон за сите општини се покриваат и трошоците за изборниот материјал, кутии, гласачки ливчиња итн. Општините, пак, ги плаќаат патните и останатите трошоци за луѓето што се ангажираат, давачките околу обезбедениот простор за гласање, вода, струја итн.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG