Достапни линкови

Неделниците го анализираат поразот на ВМРО-ДПМНЕ


Неделниците го анализираат поразот на ВМРО-ДПМНЕ и на нејзиниот лидер, откако помина првиот круг на локалните избори, на кој убедливо победи коалицијата „Живот за сите во Македонија“ предводена од СДСМ.

Фокус - Пастирот испратен со зурли и тапани

„Срамен пораз на Груевски – Пастирот испратен со зурли и тапани“ пишува на насловната страница Фокус. Воведната колумна почнува со приказната дека народот во еден миг оваа пролет му рекол на пастирот, не ја давај власта зашто отиде Македонија во мајчината, а тој сепак решил да ја даде. Кога пастирот престанал да го слуша, народот му свртел грб и го казнил на изборите. „Се разбира, да не е проѕирна, патетична и дрска, оваа теза навистина би била опасна“ – вели авторот објаснувајќи потоа во што е проблемот на Груевски. „Проблемот не е во тоа што тој наводно го предал својот македонски народ, па овој решил да му се одмазди... Неговата зла коб и црна судбина ја скроија мнозинството граѓани во државава, Македонци, Албанци и други кои се ослободија од еднодеценискиот терор на Фамилијата и гласаа за живот, за демократија, слобода, правда и за евроатлантски интеграции. А нивниот број расте од ден на ден“ – пишува Фокус, па потсетува: „Дел од тие граѓани, во неделната изборна вечер пред барокното седиште на ВМРО – Обвинета, со зурли и тапани го прославија поразот на Фамилијата и го испратија Груевски во историјата. Засекогаш!“

Капитал - Локалните избори беа референдум за НАТО, за ЕУ, за реформи

И Капитал, анализирајќи го поразот на партијата на Груевски и неговиот личен пораз, има слични согледувања во текстот во кој вели дека локалните избори беа референдум за НАТО, за ЕУ, за реформи... „Настрана од факторите што на овие локални избори очигледно и силно беа против ВМРО-ДПМНЕ, а поради кои дел од граѓаните (сега ослободено) гласаа за да го казнат Никола Груевски и со него асоцираното раководство на партијата, многу поважно за Македонија“ - нагласува неделникот, „е што ова казнување не беше од видот ’гласај за другите, без разлика што нудат‘, туку причините за поддршката што ја доби СДСМ се многу јасни и многу охрабрувачки за некои од главните приоритети на државата, поради кои тие уверливо ги поддржаа политиките на (новата) Влада“. Тука Капитал главно мисли на очекувањата од евроатлантските интеграции и со нив во голема мера компатибилната меѓуетничка кохезија, за зајакнатата доверба помеѓу најголемите етнички заедници – Македонците и Албанците, за што зборува и успехот на првата јавна во Македонија предизборна соработка на македонска и албанска партија, меѓу СДСМ и ДУИ. За Капитал, ДУИ ја сфатил пораката на граѓаните од парламентарните избори по кој пат да оди, имено оној што го препорачува и Западот, „по кој премиерот Зоран Заев, шефот на дипломатијата Никола Димитров и останатите од евроатлантскиот владин тим, газат искрено, цврсто и конкретно“, пишува Капитал.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG