Достапни линкови

ОБСЕ/ОДИХР: Изборите беа мирни и во согласност со меѓународните стандарди


Прес-конференција на набљудувачите на ОБСЕ и на Конгресот на локални регионални власти на Советот на Европа

Одржувањето на локалните избори на 15 октомври во ПЈР Македонија придонесе кон зајакнување на довербата во демократскиот процес, соопштија меѓународните набљудувачи од мисијата на ОБСЕ/ОДИХР и од делегацијата на Конгресот на локални и регионални власти при Советот на Европа.

Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР и делегацијата на Конгресот на локални и регионални власти при Советот на Европа излегоа со оценка дека вчерашните локалните избори беа добро организирани, мирни и во согласност со меѓународните стандарди. На прес-конференција на која беа соопштени оценките за изборниот ден во Македонија, шефицата на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР во Македонија, Одри Гловер рече дека иако процесот сè уште не е завршен, на овие избори се видел напредок во демократскиот процес и оти расте довербата на гласачот во изборниот процес. Се надеваме дека ова ќе продолжи и во вториот круг, рече амбасадорката Гловер.

„Изборите се одржаа во конкурентно опкружување каде кандидатите генерално можеа да водат кампања без ограничувања, а темелните слободи на здружување и изразување беа севкупно почитувани. Некои кредибилни наводи за купување гласови, притисок врз гласачите и изолирани случаи на насилство се случија во предизборниот период. Иако беа воочени некои процедурални нерегуларности, изборниот ден главно протече уредно“, изјави Гловер.

Во однос на тврдењата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за изборни нерегуларности, претставниците на ОБСЕ/ОДИХР и на Советот на Европа рекоа дека избори без неправилности се невозможни. Сепак, тие наведуваат дека севкупната слика покажува дека ова беа добро организирани и мирни избори, а доколку има фактички докази за нерегуларности, набљудувачите на ОБСЕ ќе ги следат, како и евентуалното покренување постапки.

Од Мисијата оценуваат дека изборната администрација се погрижила гласачите да ги остварат своите гласачки права. Забелешки беа изнесени во однос на регулативата која, според нив, е во контрадикција со законодавството.

Според ОБСЕ/ОДИХР, мониторираните медиуми понудиле непристрасно покривање на натпреварувачите и ја потпомогнале можноста за политичка дебата.

ОБСЕ оцени и дека седниците на Државната изборна комисија биле отворени за набљудувачите, но сепак одлуките често се носеле на затворени седници.

Карим Ван Овермеире, шеф на делегацијата од Конгресот на локални и регионални власти при Советот за Европа, изјави дека вчерашните избори беа добро организирани, севкупно мирни и генерално во согласност со меѓународните стандарди.

„Се надеваме дека ова ќе биде придонес за натамошен одржлив развој на локално ниво за да се подобрат животните услови за сите граѓани“, рече Ван Овермеире.

Со прелиминарната оценка на првиот круг од локалните избори излезе и Граѓанската асоцијација МОСТ. Според извештаите и информациите добиени од нивните набљудувачи, првиот круг од локалните избори се одржа во фер и демократска атмосфера, а граѓаните слободно излегоа и го дадоа својот глас“, изјави извршниот директор на Граѓанската асоцијација МОСТ Дарко Алексов.

Тој ја поздрави и брзата и ефикасна реакција на институциите во текот на гласањето.

„Сите изолирани случаи на фотографирање на гласачки ливчиња беа навремено и ефикасно адресирани од избирачките одбори, во соработка со полицијата која овозможи соодветно спроведување на законските одредби, што не беше случај во минатото. Ова придонесува кон спречување на притисоците врз граѓаните слободно да гласаат“, изјави на денешната прес-конференција Дарко Алексов.

На избирачките места каде што биле забележани технички предизвици при спроведувањето на гласањето, избирачките одбори и општинските изборни комисии навремено и ефикасно реагирале, рече Алексов.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG