Достапни линкови

Средбите во Њујорк - нова шанса за решавање на спорот со името?


Архивска фотографија - Посредникот на ОН во спорот за името Метју Нимиц

Средбите во Њујорк на макаедонската делегација на ГС на ОН се позитивна рамка за јакнење на надворешните позиции на Македонија и подобрување на атмосферата за решавање на проблемот со Грција, но има уште многу работа на тоа поле.

По повод одржувањето на седницата на Генералното Собрание на Oбединетите Нации, на која учествуваат водечките личности на светската политичка сцена, аналитичарите потенцираат дека тоа му дава добра можност на македонскиот премиер Зоран Заев за средби и подобрување на позицијата на Македонија, но јасно им е дека тоа не е доволно да може да се очекува позитивен излез од кризата со Грција која трае подолго време.

Поранешниот амбасадор на Македонија во НАТО, Нано Ружин, вели дека духот на промените во Македонија во нејзината надворешна политика се чувствува во Брисел, Вашингтон и во Њујорк и оти тоа е позитивен плус за дипломатијата, но недоволно за решавање на проблемот со Грција

„Сето тоа создава пријатна рамка за јакнење на позициите на Македонија за една подобра атмосфера во која би се одвивале преговорите за името со нашиот јужен сосед. Но за видливи резултати потребни се натамошни потези и од Македонија и од Грција со помош на светските дипломати кои се заинтересирани за решавање на овој проблем“, вели Ружин.

Инаку, деновиве прашањето за името беше една од темите за кои во Њујорк разговараа грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас со генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш.

Ставовите на Македонија и на Грција за спорот за името кој е под медијаторство на ОН во изминатите години остануваат непроменети. Аналитичарите нагласуваат дека и двете страни треба да се посветат на наоѓање решение.

Поранешниот амбасадор на Македонија во Грција, Љупчо Арсовски, вели дека се она што се случува во ОН е многу корисно како иницијативи по изборите и во првите 100 дена од новата влада, но во врска со процесот за спорот за името кој се одвива под закрила на ОН, тој потсетува дека дваесетина години траат преговорите во кој се менуваат еден медијатор и двајца кои разговараат.

„Позитивен импулс, но се зависи од волјата кај двете страни да се најде решение. ОН ќе очекуваат во догледно време реакција на медијаторот што е постигнато во овие 25 години. Она што е постигнато е уште на времето на стартот со времената согласност. Да гледаме со оптимизам на целата оваа работа, зашто за жал, спротивната страна секогаш останува на нејзините црвени линии што е пречка за конечно решени на овој апсуеден проблем кој ја потврдува апсурдноста со тоа што постои 25 години“, вели Арсовски.

Според Ружин, на Македонија и се потребни натамошни чекори во надворешната политика.

„Ова е еден добар чекор кој треба да продолжи со натамошни чекори од Македонија да се добие нешто, во смисла на конкретни реализации и конкретни ветувања. Еве јас би го спомнал, на пример, како прв чекор на добра волја да се промени името на аеродромот Александар Велики итн. Итн.“, вели Ружин.

За време на Генералното собрание на ОН, претседателот на Владата, Зоран Заев, предвидено е да има работна средба и со генералниот секретар на Светската организација, Антонио Гутереш, како и повеќе билатерални средби. Заев присуствуваше на настан организиран од претседателот на САД Доналд Трамп за приклучување кон политичката декларација за реформата на ОН, каде оствари кратка средба со американскиот претседател. Според агендата на престојот на Генералното собрание на ОН, премиерот Заев ќе има средби и со претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, со високата претставничка за надворешна политика и безбедност на Европската Унија, Федерика Могерини и со комесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG