Достапни линкови

Завршува кампањата - мешавина меѓу локални и државни теми


По три недели на терен партиите ја завршуваат кампањата за локалните избори. Аналитичарите оценуваат дека таа беше мешавина меѓу државни прашања и решавање на локалните проблеми.

Ред ветувања за канализации, водоводи, патишта, чист воздух, гасификација, нови училишта и градинки, па ред ветувања за зголемени плати, подобри услови за живот, брза интеграција во Европската унија и во НАТО, а потоа и меѓусебни обвинувања за криминал, распаѓање на државата, предавство, влез на илјадници мигранти.

Трите недели кампања за локалните избори завршуваат, а партиите во неа направија мешавина меѓу државните ветувања и обвинувања и локалните проблеми, велат политичките аналитичари.

Според аналитичарот Џелал Незири, кампањата главно се одвиваше на две нивоа, локално и државно. Тоа, додава тој, е поради фактот што партиите се борат и за две работи - кој да ги добие најголемите општини и кој ќе освои најмногу гласови. Незири забележува разлика меѓу говорите на лидерите на сите политички партии, кои зборуваат за државни теми и обраќањата на кандидатите кои се држеа до локални прашања.

„Мислам дека кампањата беше мешавина на ветувања за проекти и идеолошки каузи и национални проблеми“, вели Незири.

ВМРО-ДПМНЕ уште на конвенцијата пред почетокот на кампањата најави дека нема да има само локални пораки, објавувајќи ново движење под мотото „Новата ера започнува“, па кон крајот на кампањата го смени во „Пуштете ја светлината во Македонија“. СДСМ направи продолжение од својот слоган за парламентарните, па на локалните настапува со „Живот за сите во секоја општина“, ДУИ митингуваше под мотото „Заедно за општината што ја сакаме “, Беса со слоганот „За еден нов живот“, а Алијансата за Албанците ги бара гласовите со ветувањето „Промените веќе започнаа“.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на митинг за локални избори 2017.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на митинг за локални избори 2017.

„Ахмети во неговите настапи зборува за членството на Македонија во НАТО и во ЕУ, Зијадин Села од Алијансата за Албанците повика на здружување на сите општини кои ги раководат Албанци во една заедница која би била пандан на ЗЕЛС, Беса, пак, главно ги напаѓаше политики на ДУИ во централната и локалната власт“, вели Незири.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев ветува брза интеграција во ЕУ и НАТО и одговара на нападите од опозицијата - лага е дека ќе го продадам името. Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, пак, зборува за помрачувањето што го донела владата на СДСМ и ветува нови 150.000 нови работни места, отпис на долгови и друго.

Од локалните ветувања најчесто споменувани од кандидатите се гасификацијата на градовите, решавање на еколошките проблеми, онаму каде што недостига ветуваат нова инфраструктура, а онаму пак каде што е премногу урбанизирано, стопирање на урбанистичката мафија.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG