Достапни линкови

Гацева – Во странство се пробиваме сами, потребна е концертна агенција


Во најскоро можно време треба да се отвори концертна агенција којашто ќе се грижи и ќе ги организира настапите на музичарите коишто вредат и коишто веќе се пласираат на светската музичка сцена, вели пијанистката и професор на ФМУ, Ана Гацева, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Ана Гацева влегува во редот на најистакнатите македонски музички уметници кои со силината на сопствената изведба трпеливо, но сигурно, ја градат својата интернационална кариера. Пијанистката, инаку добитничка на бројни награди и општествени признанија меѓу кои и „Георги Божиков“ за најдобар музички изведувач што во 2012 ѝ ја додели Сојузот на композиторите на Македонија, деновиве се врати од исклучително успешната турнеја по Холандија.

Гацева, што е она што вам ви е императив на концертните настапи?

Она што секогаш се обидувам е секогаш да ја пренесам и на најискрен можен начин мојата, но и идејата на композиторот. Многу е тенка идејата колку изведувачот ќе се наметне себе си во интерпретацијата, а колку ќе биде во добар баланс со она што композиторот го замислил како своја идеја. Сакам да бидам искрена, да бидам своја и да успеам да ја пренесам, бидејќи нели музиката облагородува, таа не менува однатре, ни ја менува душата, да ја трансцедентирам идејата, да ја пренесам и да воспоставам блиска врска со тие што ме слушаат. Колку сме поавтентични во раскажувањето на таа музичка приказна, ние на некој начин имаме една тешка задача да зборуваме без зборови, да раскажуваме без слики, значи звукот е тој кој што носи некаква драматургија и доколку ние позади имаме идеја и сме убедливи во раскажувањето на таа музичка приказна, мислам дека контактот со публиката нема да изостане.

Покрај Симон Трпчевски и уште неколкумина врвни македонски уметници, една сте од ретките која трпеливо и упорно го изодува патот на интернационално познат интерпретатор. Што е она што треба да го сторат македонските таленти за меѓународен пробив? Работата над сè, но дефинитивно и агенти, менаџери...

Тоа секако, меѓутоа ретко кој од нас има агент или менаџер. Знаеме дека во Македонија не постои Концертна агенција, се надевам дека во најскоро време тоа ќе се случи. Во голема мера Министерството поддржува проекти, но проекти коишто се наши лични покани, доколку донесеме покана и се пријавиме на тој конкурс, тие најчесто поддржуваат квалитетни проекти. Во мојот случај, откако паметам за себе, тоа било така. Сум работела, сум студирала надвор од мојата земја, тоа ми отворило многу врати, неслучајно, знаеме дека надвор реперите и ситото низ кое мораш да поминеш, оти има плејада на музичари. Треба да ги поминеш тие препреки, испити, аудиции, за да може да станеш забележан и виден. Сум можела да се презентирам себе си, да посадам семе и тие контакти да му останат за иднината. Никогаш ниеден мој настап не бил заборавен и секогаш понатаму сум добивала повици да настапувам на истите места. Тоа е тој еден круг кој што ако оставиш добар впечаток, ако навистина ја кренеш публиката на нозе, ако почувствуваат дека си на светско ниво, тие секогаш повторно ќе те поканат, тоа е тој начин на којшто сè уште функционирам.

Може ли тука државата да изгради своја стратегија со која би им овозможила на македонските уметници да бидат сè поприсутни на светските сцени, а да не биде тоа во рамките на одредени државни манифестации?

Во одредена мера објаснив како тоа во моментот функционира, имаме плус и неколку културни центри, ама тоа е тоа. Значи културниот центар во Софија, во Њујорк, преку апликации се бираат најдобрите кандидати, меѓутоа мислам дека треба во најскоро можно време да се отвори таква концертна агенција којашто ќе се грижи и ќе ги негува професионално, и во континуитет настапите ќе ги организира на музичарите коишто вредат и коишто еве се пласираат веќе на светската музичка сцена.

Целото интервју со Ана Гацева може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG