Достапни линкови

Ќе добие ли Македонија Концертна агенција?


Илустрација

Ако го тргнеме феноменот Симон Трпчески настрана, речиси на прстите од една рака можат да се избројат музичките уметници од земјава кои се обидуваат и некако успеваат да направат завидна интернационална кариера. Долго се говори за Концертна агенција која би го промовирала домашното творештво, но и натаму сè е оставено на поединечниот ентузијазам.

Симон Трпчески е безмалку единствен пример кај нас за изведувач кој гради успешна меѓународна кариера, меѓу другото и заради фактот што зад него стојат менаџери коишто се грижат за неговите настапи, гостувања и турнеи.

Останатите македонски изведувачи генерално немаат менаџери. Во принцип сами ги менаџираат своите настапи надвор од земјава, и како што велат познавачите на приликите се грижат за нешта коишто нималку не се нивна работа.

Од таму нималку не чуди кога Ана Гацева, пијанистка и професорка на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, во неделното интервју за Радио Слободна Европа вели дека во голема мера Министерството за култура подржува музички проекти кои, пак, се всушност нивни лични покани за настап и дека токму поради тоа што поскоро треба да се отвори концертна агенција којашто би ги промовирала домашните уметници надвор од земјата.

„Мислам дека во најскоро време треба да се отвори таква концертна агенција којашто ќе се грижи и ќе ги негува професионално и во континуитет настапите на музичарите коишто вредат и коишто еве се пласираат на светската музичка сцена“, вели таа.

Од друга страна Дино Имери, талентираниот пијанист кому критичарите според досегашните пројави на сцена му предвидуваат убава кариера, знае да каже дека за него лично „патот секогаш бил поважен од целта“. Тој смета дека во денешно време и со самото поставување на видео запис на интернет вие ја почнувате „интернационалната кариера“ и дека така почнуваат да ве следат мнозина на социјалните мрежи. Затоа, според него, во онаа вистинска смисла што значи тоа да се има „интернационална кариера и уметничка дејност, всушност најважен е последниот концерт“.

„Најважен е последниот концерт што сте го отсвиреле. Со други зборови да се задржи квалитетот на изведбата во секоја можна пригода, на секој настап и музиката сама по себе да ви ги отвара вратите во иднина наместо многу други пропратни работи за кои сметам дека се неважни“, истакнува Имери.

Ова оди во корелација со тврдењето на Гацева дека всушност едукацијата во странство и честите турнеи по тамошните центри се тие ретки можности каде „можела да се презентира себе си на вистинскиот начин, да посади семе и тие контакти да и останат за иднината“.

„Никогаш ниеден мој настап не бил заборавен и секогаш понатаму сум добивала повици да изведувам на истите места или онаму од каде доаѓал некој продуцент или менаџер во публиката“, вели таа.

Ангелина Димоска, музиколог, новинарка и музички критичар, појаснува дека меѓународните гостувања, во принцип, се многу важни за уметниците и дека тие претставуваат нивна промоција, но и проширување на нивните изведувачки перформанси и светогледи. Затоа и таа сугерира одредени институционални интервенции на ова поле.

„Во насока на меѓународните гостувања и државата треба да направи некаква агенда, некоја платформа со којашто ќе им олесни на музичарите што почесто да свират дома, а посебно да се претставуваат и во странство и да имаат што повеќе такви искуства. Да не ја сведува организацијата на концерти само по нашите културни центри низ светот, туку да обезбеди пари за други меѓународни настапи на нашите истакнати изведувачи, ансамбли и оркестри“, вели Димоска.

Конечно, вака по којзнае кој пат се проветрува старата идеја, но малкумина, иако свесни за акутноста не веруваат дека во блиска иднина би се случило формирањето на толку пожелуваната од музичките уметници Концертна агенција за промоција на македонските солисти, ансамбли и воопшто на современото домашно творештво.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG