Достапни линкови

Сите општини користат европски пари


Не постои општина која не е опфатена барем со една европска програма, вели министерката за локална самоуправа. Општините користат повеќе средства од европските фондови отколку националните институции.

Во период кога одредени политичари упатуваат критики на адреса на амбасадорите во земјава, на веб страници се појавуваат некролози со сегашни и поранешни ЕУ дипломати, а дел од НВО секторот добива критики дека добиваат пари од странски донатори, во Македонија нема локална власт која не користи пари од Европската унија. Тоа деновиве го потврди и министерката за локална самоуправа Ширет Елези на форумот „Европски перспективи на локалната самоуправа“ во Битола, каде изјави дека нема општина што не користи средства од европски фондови.

„Привилегија на нашата земја е што не постои општина која не е опфатена барем со една програма за прекугранична соработка финансирана од европските фондови, а некои општини што се во близина на границите користат и средства од две или повеќе програми. Од 2007 година, па наваму во првиот програмски период на компонентата за прекугранична соработка со Бугарија, Албанија, Грција и Косово бележиме одобрение на 200 проекти и степен на реализација на искористеност на средствата на 80 проценти“, рече Елези.

Таа додаде дека Македонија својата перспектива ја гледа во ЕУ , а општините користат средства од повеќе европски програми како ИПА, ИПАРД и други за локалниот развој и прекугранична соработка.

„Сега сме влезени во вториот ИПА програмски период, а вкупниот буџет за пет програми за прекугранична соработка изнесува над 100 милиони евра. Предвидени се 45,5 милиони евра за прекуграничната програмата со Грција, 12 милиони евра со Албанија, 19,5 милиони со Бугарија, 8,5 милиони со Косово и 40 милиони евра за транснационалната програма „Балкан медитеран“, рече Елези.

И покрај ваквата состојба, ретко се зборува за улогата на локалните самоуправи во европските интеграции.

„Европските перспективи се сеопфатна тема која ја третираат повеќе институции и организации, а од друга страна децентрализацијата исто така останува една од актуелните теми во Македонија. Но, увидовме дека во последните години, иако овие две теми се многу актуелни, не постојат ниту истражувања, ниту настани, ниту се зборува на тема која може да биде улогата на локалната самоуправа во европските интеграции“, рече Ивана Петровска од АЛДА.

Општините користат повеќе средства од европските фондови отколку националните институции.

Францускиот амбасадор Кристиан Тимоние вели „за тоа е потребна Влада која ќе спроведува одредена динамика, а административната празнина која постои во моментов не ни помага во работата. Политичката состојба во моментот наликува на изгребена плоча, но сепак посакувам што побрзо да се излезе од оваа состојба, македонскиот граѓанин сака што побрзо да се најде излез бидејќи светот не чека“.

Тој изрази надеж дека моменталната политичка ситуација нема да доведе до намалување на средствата од европските фондови за Македонија.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG