Достапни линкови

Одговорност пред законот за национално помирување


Анти владините и провладините протести во Скопје, комбинирана фотографија
Анти владините и провладините протести во Скопје, комбинирана фотографија

Жестоката реторика што се форсира со години кон неистомислениците, некогаш и директните и индиректните повици за насилства, поделбите на патриоти и предавници, ја подгреаја атмосферата до ниво на зовривање. По 27 април се чини дека е неопходно помирување во општеството, но првичните оцени се дека тоа тешко може да се случи пред одговорните да понесат и правни последици.

Денеска ја реобјавуваме саботната анализа која првично беше објавена на 27 мај 2017.

По настаните на 27 април, двајца политичари јавно почнаа да зборуваат за помирување. Прв таквата идеја во неделното интервју на Радио Слободна Европа ја спомена претседателот на СДСМ, Зоран Заев. Тој нагласи дека мора да се случи политичко помирување, национално помирување, меѓуетничко помирување, партиско помирување.

„Тоа апсолутно значи дека секој ќе оди на Суд и ќе си понесе одговорност, но мораме меѓусебно да си ја испратиме пораката за простување, ако сакаме да соработуваме“, рече Заев.

По него, претседателот, Ѓорге Иванов, ја спомена идејата за простување, но за разлика од Заев, тој упати порака преку амнестија одговорните да избегнат судење. Претседателот направи паралела со амнестијата по воениот конфликт од 2001 година.

„Ако има доблест, новите пратеници во новиот состав на Собранието, ако сакаат да делуваат на смирување на општеството, да покажат акт на добра волја и помирување, нека го направат тоа што беше направено по конфликтот во 2001 година. Тогаш знаеме дека Собранието амнестира воени злосторници, ако можеле воени злосторници да се амнестираат, зошто да не им се помогне на луѓе што ги завела толпа или луѓе што учествувале во нешто што повеќе е израз на емоции“, рече претседателот Иванов.

Помирувањето е неопходно

Дел од јавноста засега, се уште со свежи сеќавања од насилствата, не ги прифати ваквите идеи.

Ако се земат коментарите на социјалните мрежи, како некаков индикатор за тоа каква е состојбата во македонското општество, сите го критикуваа Заев - неговите поддржувачи - дека е премногу благ кон сторителите, неговите противници - дека нема што тој да им понудел рака за помирување. И идејата на Иванов ја критикуваа сите - симпатизерите зошто не ги аболира како политичарите, туку работата со амнестијата ја префрлал кај пратениците во Собранието, а критичарите дека не може да се придонесе за неказнивост на насилствата.

Но, според комуникологот Марко Трошановски од Институтот за демократија, работите треба да се гледаат и пред 27 април, а помирувањето е неопходно.

Крвавиот четврток во Собранието е само климакс на тоа што со години се случува - поделбата на патриоти и предавници, немање на разбирање за другиот, за компромис, оценува Трошановски. Чувството на неказнивост и заштитеност во ситуација на заробени институции, како што меѓународните организации ги именуваат македонските, е разбирливо, додава тој, но во ситуација кога дел од популацијата го премолчува или го прифаќа тоа насилство, а друг дел крајно го осудува, ние немаме друг избор да продолжиме понатаму, освен да направиме едно општо помирување. Секој друг пат би предизвикал само продлабочување на поделбите, што би придонело политичарите и институциите да го изгубат легитимитетот, а луѓето да престанат да живеат еден со друг, смета тој. Но, тој вели дека не треба да се очекува сите луѓе кои имале некакво учество да понесат правна одговорност.

„Нужна, неопходна и потребна ни е правна разврска за дел од учесниците, оние кои имаат најголема одговорност за случувањата во Собранието, но и наназад за сите индикации за злоупотреба на власта“, вели Трошановски.

Дека случувањата во Собранието се само последица на повеќе фактори, кои може да се дефинираат генерално како нефункционирање на институциите, оценува Жанета Трајкоска од Високата школа за новинарство и односи со јавноста.

„Мислам дека и нетрпеливоста, но и лесното верување во црните сценарија за Македонија, доаѓа и од фактот дека граѓаните не веруваат на институциите на системот, не веруваат дека некој ќе има не само политичка, туку и кривична одговорност за она што го слушаме, на пример од СЈО и дека некои од тие подигнати обвиненија ќе имаат свој крај и дека Судот ќе одлучува согласно фактите и доказите, а не политичките притисоци“, вели Трајкоска.

Според Трошановски, пак, ова што се случи е една еволутивната фаза во младата демократија и насилството треба да го освести македонското општество. Ја нарекува историска пресвртница по која мора да се најде помирување, прво меѓу политичките елити, а потоа и меѓу граѓаните, кои треба да сфатат дека ако некој има различни политички стојалишта не е против вас.

„Единствено на тој начин, ако го прифатиме тој систем на вредности во идните политички и судски, меѓучовечки постапки ќе се придвижиме како општество, кое што во својата срж бара емпатија и компромис, бидејќи пред сè е меѓуетничко општество“, вели Трошановски.

Ништо без правна одговорност

Но поранешниот јавен обвинител Јован Трпеноски сугерира дека може да се зборува за помирување само ако се расчистат работите правно и се утврди вината. Прво треба Јавното обвинителство да си ја заврши работата, потоа треба да се процесуира ако се утврди кривично дело, па потоа може да се отвори прашањето за аболиција или амнестија, додава Трпеновски. Ние зборуваме само за интересот на актерите во насилствата, а ако зборуваме за помирување треба да ги земеме и правата и последиците што ги имаат жртвите, нагласува поранешниот обвинител.

„Тргнувајќи од ова мора да се води сметка и за едната страна и за другата и да биде доминантен интересот и траумите на жртвите кои беа оштетени во преземените дејствија“, вели Трпеноски.

Тој посочува дека општеството поодамна е поларизирано и се наоѓа во, како што вели, правна и морална криза.

„При постоење на една правна и морална криза и при една флуидност на политички план, мора правосудните институции да си ја завршат својата работа со процесуирање на сè она што кое ќе се утврди дека е резултат на преземено дејствие од некое лице кое сторило кривично дело“, вели Трпеновски.

И за политичкиот аналитичар Џелал Незири понесувањето одговорност е главен услов за помирување. Ако не се случи тоа, ако не се одговора за случувањата во четвртокот, наместо помирување ќе се генерираат нови инциденти, смета тој.

„Ако работите продолжат да се одвиваат на ваков начин, ќе се продлабочат поделбите во општеството, а инцидентите како тие во Собранието ќе станат секојдневие“, вели Незири.

Социолозите пак имаат поинакво мислење. Според професорот Ѓорги Тоновски, поимот помирување во овој момент, како што вели, има маглива содржина. На што асоцира тој поим сега - на класно, социјално, на национално или политичко помирување, јавно прашува професорот. Случувањата од 27 април во Собранието, снимките кои ги емитуваа телевизиите за учеството на пратениците од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ во отворање на собраниските врати, случаите што ги отвора Специјалното јавно обвинителство, за Тоновски фрлаат поинакво светло врз процесот на помирување, па, како што вели, му личело како помирувањето некој да го форсирал.

„Ова општество не е поделено на половина, како што беше состојбата на пример во Колумбија каде што ФАРК мораше да го положи оружјето, па сега е прашање кај нас кој со кого треба да се помирува“, вели Тоновски.

Според него, национално помирување е само флоскула, која, како што вели, ништо не зборува оти во Македонија нема граѓанска војна.

„Во една цивилизирана земја во која владее Устав и закон, нема помирување, туку има одговорност пред Уставот и законите“, дециден е Тоновски.

Оној што мисли спротивно од вас, не е против вас

Но, според Трајкоска, сепак за помирување не се доволни само правосудните органи да си ја завршат својата работа. Македонија сега е во многу лоша состојба и потребна е работа од сите сегменти во општеството за да се дојде до некоја нормална атмосфера, во која нема да бидат осудувани сите оние кои што се имаат спротивни мислења, а плурализмот ќе може да функционира, оценува Трајкоска.

„Помирувањето мора да доаѓа заедно со враќањето на довербата во институциите. Тоа е ѓаволски тешка работа, прво мора да видиме дека целиот систем функционира и со промената на власта и владата“, вели Трајкоска.

Поделби и во светот

Поделби има и во други држави. Соединетите Држави и Франција во изминативе месеци минаа низ големи политички промени, но и поделби во општеството. Претседателот Доналд Трамп веќе се наоѓа под своевидна истрага за евентуални врски на неговиот тим со Русија, а Франција пред нови изборни предизвици по оние за избор на нов шеф на државата.

Гоце Атанасов

Во Франција првото нешто што го изјави новиот претседател Емануел Макрон, по неговата изборна победа, е дека ќе работи на помирување и на единство на поделеното општество. Ова можеби е политичка изјава за политичко дејствување, но, како што велат експертите, во вистинска насока. Тој како прв потег по влегувањето во Елисејската палата за премиер го избра Едуар Филип од умерениот десен центар. Според аналитичарите, овој избор е стратегиски важен чекор за да ги привлече умерените и кај социјалистите и кај републиканците, односно да го намали јазот меѓу традиционалната француска политичка поделеност која со зацврстувањето на Националниот фронт на Марин Ле Пен се закануваше да ја дестабилизира политичката сцена.

Правда за единство и помирување
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:38 0:00

Професор Доминик Рајни смета дека изборот на Филип ги покажува обидите на Макрон за прецртување на политичката мапа:

„Новата влада најверојатно ќе застане на неутрална политичка позиција. Тука не станува збор само за рамнотежа, туку за обид да се бара неутрална позиција. Со други зборови, нема да има никакви политичари во владата со специфична политичка наклонетост“, вели тој.

Во Соединетите Држави, пак, приближувањето на двете најголеми партии, Демократската и Републиканската оди на сметка на шефот на државата Доналд Трамп. Но тука, двете страни се согласни во врска со правдата, односно дека треба да се излезе на виделина дали изборниот тим на Трамп имал врски со Русија.

Џејмс Тарбер, професор на Американскиот универзитет во Вашингтон, наведувајќи дека е неверојтно како Трамп успеа да ги зближи двете партии:

„Знаете ли за што станува збор? Станува збор за владеење на правото и секогаш велам дека владеењето на правото со вистински луѓе ќе притиска на она што е во согласност со Уставот и со заканската рамка што ја имаме“, вели тој.

Американското министерство за правда го назначи екс директорот на ФБИ Роберт Милер за специјален обвинител кој ќе ја надгледува истрагата за наводната поврзаност на Русија со изборниот тим на Трамп. Милер треба да процесуира какво било злосторство на кое ќе наиде во истрагата, наведуваат новинските агенции.

Џесика Левинсон, професорка по право, вели дека се работи за добар избор кој бил направен со консензус.

„Тој служеше и за време на администрацијата на демократите и на републиканците. Тој е познат по тоа што е многу цврст, детален и што може да му даде независен глас на оваа истрага, она што сега ни е неопходно“, вели таа.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG